Во Охрид отворена 15. Конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура: Дигиталните валути на централните банки стануваат реалност

bezoska
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Новите технологии забрзано го менуваат пејзажот на платежните услуги и пазарната инфраструктура, како во светот, така и кај нас. Централните банки се еден од двигателите во процесот на дигитализацијата на плаќањата, а најдобар пример за тоа е што најголем број од нив ги истражуваат можностите за воведување дигитална валута, вклучувајќи ја и нашата централна банка.

Како што беше истакнато на отворањето на 15. Конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура што во организација на Народната банка на Северна Македонија и на Централната банка на Холандија се одржува во Охрид, во услови на технолошки напредок и глобализација соработката и усогласувањето на платните системи се од суштинско значање доколку интенција е овозможување побрзи, поевтини и инклузивни прекугранични плаќања.


Како што беше истакнато, за регионот од особен интерес е усогласувањето на платежната инфраструктурa со рамката на Единствената европска платежна област (СЕПА), за поефикасни прекугранични трансакции и забрзување на економскиот раст.

Тековните и идните трендови во иновациите во платежните услуги и улогата на централните банки во тоа, беа главниот осврт во обраќањето на гувернерката Ангеловска-Бежоска. Таа пред учесниците на собирот посочи дека во анкета на „Централ банкинг“ за финтек, над 80 отсто од централните банки како приоритет во истражувањата ги имаат наведено токму иновациите во плаќањата, како и дигиталните валути, кои се соодветен одговор на централните банки на дигитализацијата на платежната индустрија.

„Дигиталните валути на централните банки сѐ повеќе добиваат на значење. Според најновите податоци, 114 земји, коишто претставуваат над 95 проценти од глобалниот БДП, истражуваат за воведување дигитална валута, додека пред три години, само 35 земји размислуваа за тоа. Единаесет земји целосно воведоа дигитална валута, додека од земјите на Г20, 18 земји се во напредна фаза на развој“, посочи Ангеловска-Бежоска, истакнувајќи дека и нашата централна банка неодамна започна со истражување на можноста за воведување дигитален денар.

Директорката на Секторот за плаќање и пазарна инфраструктура во Банката на Холандија, Инге ван Дијк, од своја страна ја истакна важноста на соработката во плаќањата во услови на технолошки напредок и глобализација, нагласувајќи ја потребата од побрзи, поевтини прекугранични плаќања, како и транспарентност и инклузивност.

„Понатамошната интеграција на европскиот пазар на плаќања е неопходен чекор за изградба на посилна Европа“, рече таа забележувајќи дека тоа не е едноставен процес на традиционално фрагментираниот пазар, истиот бара стратегија и инвестиции за усогласување.

Зборувајќи за холaндското искуство со СЕПА, таа истакна дека усогласувањето со европската рамка е огромниот придонес за поголема брзина и ефикасност на плаќањата и отворање на патот за поголема конкуренција и иновации, притоа носејќи нови решенија за плаќања за граѓаните и компаниите.

„Оваа конференција континуирано се покажува како важна платформа за размена на мислења, во духот на соработката и меѓусебната почит. Во овој контекст, би сакала да цитирам една стара африканска изрека: Ако сакаш да чекориш брзо, оди сам. Ако сакаш да стигнеш далеку, чекори заедно со другите“, порача ван Дијк, осврнувајќи се на важноста на соработката во сите сфери.

На агендата на дводневната конференција во Охрид меѓу другото се повеќе актуелни теми поврзани со јакнењето на финансиската рамка на патот кон СЕПА, поврзувањето на платежната инфраструктура на Западен Балкан со инфраструктурата на ЕУ, дигиталните валути на централните банки ширум светот, отвореното банкарство и иднината на финансиските услуги коишто ги овозможува финтек-секторот…По прашањата ќе расправаат бројни експерти, претставници на Европската централна банка и на централните банки на земјите од ЕУ и регионот, Црноморскиот Регион и Северна Африка, на Банката за меѓународни порамнувања, Европскиот совет за плаќања, домашните финансиски регулатори, домашниот банкарски сектор, како и претставници од домашните и странските институции од доменот на финтек-секторот.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK