Премиерот Ковачевски во официјална посета на Германија

kovachevski shulc
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Премиерот Димитар Ковачевски е во официјална посета на Берлин, Сојузна Република Германија, на покана на германскиот канцелар Олаф Шолц. Во состав на делегацијата која ја предводи премиерот Ковачевски, се и заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, како и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Во рамки на официјалната посета која, како што информираат од владината прес-служба, започнува утре, во седиштето на Владата на Сојузна Република Германија е предвиден официјален пречек со државни почести, средба меѓу премиерот Ковачевски и канцеларот Шолц, заедничка прес-конференција на премиерите, како и работна билатерална средба и вечера на двете официјалните делегации.


Главниот фокус на разговорите, како што е најавено, ќе бидат билатералните односи и соработка меѓу Северна Македонија и Сојузна Република Германија, кои оваа година одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи. Дополнително, теми на разговор ќе бидат и германската поддршка на македонскиот евро-интеграциски пат, реформскиот процес насочен кон исполнување на стандардите на ЕУ и други актуелни прашања од регионален и европски безбедносен аспект.

Во рамки на официјалната посета, премиерот Ковачевски ќе учествува на експертска дискусија во организација на фондацијата Фридрих Еберт (Friedrich Ebert Stiftung) и ќе има средба со претставници на здруженија на македонски иселеници во Берлин. За време на посетата на Берлин, премиерот Ковачевски ќе има работна средба и со главниот извршен директор на Дојче Телеком, Тимотеус Хотгес.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK