Лидерот на паравоените сили за брза поддршка во Судан Мохамед Хамдан Дагало рано утринава објави едностран прекин на огнот по повод муслиманскиот празник Курбан Бајрам, кој почнува утре, јави ДПА.
Сепак, суданската армија се уште не соопшти дали ќе објави и прекин на огнот.
Кон крајот на минатата недела ескалираше конфликтот меѓу Силите за брза поддршка и суданската армија, кој започна во средината на април. Од почетокот на конфликтот има бројни пријави за сексуално насилство, грабежи и разни видови напади.
Досега, конфликтот меѓу завојуваните фракции во Судан принуди речиси 600 илјади луѓе да побегнат во соседните земји Египет, Чад, Јужен Судан и Централноафриканската Република. Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации денеска предупреди дека бројот на луѓе кои бегаат од конфликтот може да надмине еден милион.