Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во рамки на работната посета на Стразбур присуствуваше и се обрати на седмиот пленарен состанок на Управниот комитет за антидискриминација, диверзитет и инклузија.
Како што информира Министерството за култура, Костадиновска-Стојчевска истакна дека Република Северна Македонија иако по територија е мала држава, таа е дом на многубројни етнички заедници.
– Ромите се народ кој е признат и впишан во македонскиот Устав, имаат своја општина, свој градоначалник, своја локална самоуправа, единствена во Европа. Но, не значи дека предрасудите автоматски исчезнаа. Долготрајни беа напорите и на институциите, но уште повеќе на невладиниот сектор, најнапред да се направи разлика меѓу циган и Ром, да се разбере дека првиот збор има навредлива симболика, а дека вториот е точниот збор. Ром како народ, рече министерката за култура.
Таа додаде дека високо ценејќи ја културата на Ромите и нејзината посебност како нивно нераскинливо идентитетско обележје, Министерството за култура, и покрај неколку слабости што ги акцентираше во Националниот акциски план за културата, е силен сојузник и поддржувач на реализацијата на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022 – 2030.
– Во Стратегијата, како наш долг кон уникатната ромска култура, се обврзавме на нејзино институционално зачувување, развој и промоција. Тоа го правиме и убедена сум дека ќе биде направено и порано од крајниот рок што си го зададовме. Впрочем, Ромите се нераскинлив дел од нашата заедничка култура. И колку повеќе ја осознаваме нивната култура, толку повеќе ги разбираме убавината и корисноста на различностите, рече Костадиновска-Стојчевска.
Таа потсети дека и оваа година, преку Годишната програма за поддршка на проекти од национален интерес во културата, Министерството за култура поддржа многубројни проекти на ромски автори, манифестации и фестивали во издавачката, фолклорната, драмската и меѓународната дејност.
– Преку програмата Креативна Европа продолжи да функционира еден извонреден проект за бесплатно музичко образование за сите талентирани деца и млади кои не можат финансиски да си го овозможат ниту тоа образование, а уште помалку да купат инструмент. Невладината „Рома рок скул“ во изминатите години создаде многубројни бендови со членови од сите етнички заедници, кои на рок-музиката ѝ додадоа уникатен шарм вметнувајќи делови од ромскиот мелос. Овој проект е поддржан и од Министерството за култура, информираше Костадиновска-Стојчевска.
Таа истакна дека културата не е семоќна, но е силна порака и затоа треба, како што рече, преку националните културни вредности да ја збогатиме колоритноста на идентитетската карта на Европа и со меѓусебно почитување да создадеме заеднички културен простор, удобен за сите.
Според министерката за култура, во Стразбур, каде е седиштето на Чуварот на човековите права – Советот на Европа, и денес голем е бројот на претставки за непочитување на основното право – да се нарекувме онака како што чувствуваме.
– За жал, слобода, демократија, човекови права и владеење на правото – зарем тоа не се вредности што сите ги заслужуваме и еднакво треба да ги уживаме. Зарем европскиот културен идентитет е целосен и реален без прифаќање на нашата разноликост. Ќе можеме ли да се справиме со негативната страна на вештачката интелигенција, а сè уште водиме битка со дискриминацијата, ксенофобијата, нетолеранцијата, говорот на омраза, трговијата со луѓе, насилството врз жените и врз децата, фемицид, криминал и корупција, интернет-криминал…, потенцираше министерката за култура.
Костадиновска-Сојчевска изрази надеж и уверување дека најмладите генерации, кои сега растат во еден поинаков свет, ќе живеат во свет без предрасуди, без расизам и без дискриминација.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на седмиот пленарен состанок на Управниот комитет за антидискриминација, диверзитет и инклузија денеска во Стразбур се обрати и од името на министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и Владата на Северна Македонија.