(Видео) 12 загинати и 46 повредени во тешката сообраќајна несреќа на автопатот „Тракија“: хаос во сообраќајот од невидени размери во Бугарија


screenshot-2026-11-10-112503.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Дванаесет лица загинаа во тешка верижна сообраќајна несреќа на автопатот „Тракија“ – 10 лица загинаа на самото место, а две во болница, соопшти министерката за здравство, Катја Ивкова, од Сливен. Според неа, една од жртвите починала во медицинска установа во Јамбол, а другата во Сливен.


Во тешките верижни судири што се случија утрово, околу 07:00 часот, на бугарскиот автопат „Тракија“ (А1) во близина на клучката „Зимница“, на 290-тиот километар, се повредени 46 лица, пренесува порталот „БТВ Новините“.

Несреќите се случиле во двете насоки на автопатот. Првично пристигнале информации за верижен судир во правец кон Бургас, а набргу потоа и за уште еден судир во правец кон Софија, при што условите на патот биле отежнати поради исклучително густа магла и влажен коловоз.

Во судирите учествуваа повеќе од 50 возила, вклучувајќи патнички автомобили и камиони кои се запалиле по ударот, додека некои патнички автомобили, под силината на ударот, биле исфрлени во полињата покрај автопатот. Видливоста била исклучително слаба, пренесуваат бугарските медиуми.

Георги Чалаков, раководител на регионот Јамбол, за агенцијата БТА потврди дека загинале повеќе од 10 лица, опишувајќи ја ситуацијата како исклучително тешка. Дијана Русинова, претседателка на Европскиот центар за транспортни политики, изјави за bTV дека не се сеќава на несреќа со такви размери во Бугарија во последните години.

На местото на настанот се упатени бројни спасувачки екипи – 14 противпожарни единици, како и возила на брза помош од Јамбол, Сливен и Бургас. Во спасувачката операција се вклучи и војската; повеќе од 20 припадници на 42-риот механизиран баталјон од Јамбол помагаат во извлекувањето и згрижувањето на повредените.

Иако воен транспортен авион од типот „Спартан“ полета кон Бургас, а во областа е испратен и медицински хеликоптер, густата магла моментално го оневозможува нивното слетување во непосредна близина на местото на несреќата. Во тек се подготовки за транспорт на лицата со најтешки повреди до Софија.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK