Романот „Приказна за духовите“ од австриската писателка Лаура Фројденталер вечер ќе биде онлајн промовиран на фејсбук-страницата на „Арс Ламина“. На промоцијата, покрај авторката Фројденталер, ќе зборуваат и уредничката на книгата Бисера Бендевска и Ксенија Чочкова, која го преведе романот од германски јазик.
„Приказна за духовите“, која е добитник на наградата на Европската унија во 2019 година, е еден од романите за кои на конкурс во организација на „Арс Ламина“ се избираше дизајн за корици за новата едиција „Порта Европа“. За победничко решение е избрано она на Лара Маринковиќ.
Лаура Фројденталер е родена во 1984 година во Салцбург. Студира германски јазик и литература, филозофија и родови студии. Живее во Виена. Нејзините раскази „Черепот на Медлин“ се објавени во 2014 година. За романот „Кралицата молчи“ ја добива книжевната награда на градот Бремен во 2018 година, а романот добива препорака за најдобро прозно дебитантско остварување од Германија на фестивалот за дебитантски романи во Шамбери во 2018 година. Следната година, Фројденталер го објавува својот втор роман, „Приказна за духовите“, за кој ја добива Европската награда за литература истата година.
Што ако во вашиот живот одненадеж се отвори празнина? Ова е прашањето што Лаура Фројденталер го поставува во нејзиниот втор роман „Приказна за духовите“. Главниот лик Ан, средовечна професорка по клавир, одлучува да земе слободна година и да се посвети на свирењето и подготвувањето учебник за нејзината настава. Таа е мажена за Томас, со кого е во брак дваесет години. Токму кога се чини дека непречено ќе може да им се посвети на нештата што ги сака, Ан ја опседнуваат немири. Томас сè почесто е отсутен од домот, веќе извесно време престојуваат во различни соби и сè поретко разговараат. Постепено, слободното време се претвора во тесен затвор за Ан, во кој почнуваат да се вселуваат звуци и привиденија што целосно ја обземаат и ја измачуваат.
Книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.