Министерот за правда Кренар Лога денеска се сретна со координаторите на пратеничките групи на СДСМ, Јован Митрески, на ВМРО – ДПМНЕ, Никола Мицевски, на ДУИ Арбр Адеми и на Алијанса на Албанците, Аднан Незири, на кој присуствуваше и заменичката на министерот за правда Викторија Аврамовска Мадиќ.
Наредната недела за прв пат со физичко присуство ќе се одржи седница на Советот за реформи во правосудниот систем на која ќе се рагледува Стратегијата за развој на правосудството 2023-2027. Министерот Лога упати покана до ВМРО ДПМНЕ да присуствуваат на седницата и да дадат забелешки за Стратегијата.
На состанокот се разговарало за состојбата со Судскиот совет и можноста за законски измени со кои ќе се надминат проблемите со кои се соочува оваа институција, соопшти Министерството за правда.
Како што се наведува, Лога информирал за законодавната агенда, можноста од носење на Закон за амнестија по примерот од 2018 година за полесни кривични дела со што, како што се наведува, ќе се овозможи растеретување на затворите.
На средбата се зборувало и за Законите за помилување, за ОТА, за АНБ, за Јавно обвинителство, за катастар, за правда за децата и други.
Координаторите на пратеничките групи му се заблагодариле на министерот за правда Лога за информациите кои биле споделени со нив и изразиле подготвеност за натамошна соработка.