Претседателот на грчкиот Парламент Константинос Тасулас, утрово ѝ ги достави официјалните резултати од парламентарните избори на претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, која во продолжение ќе го прими лидерот на Нова демократија, партијата победник, за да му го додели мандатот за формирање Влада, јави дописничката на МИА од Атина.
Тасулас на средбата истакна дека од службената министерка за внатрешни работи ги добил официјалните резултати со 99,6 отсто пребројани гласови,
-Резултатот е јасен, овој пат го имаме потребното парламентарно мнозинство, како што произлегува од составот и врз основа на моите уставни обврски Ви го предавам составот на новиот Парламент за да може да започнете со процедурите во ваша надлежност, рече Тасулас.
Претседателката на Грција потенцираше дека уставните одредби се јасни и веќе е закажана средба со лидерот на Нова демократија Кирјакос Мицотакис за да му го додели мандатот за формирање Влада.
-Мислам дека новиот Парламент, новиот осум партиски Парламент раѓа многу предизвици за нејзиниот следен претседател. Сите заедно ќе го живееме тоа и посакувам се најдобро за земјата, истакна Сакеларопулу.
Во 11 часот по локално време, грчката претседателка ќе му го предаде мандатот на Мицотакис, кој два часа подоцна ќе положи свечена заклетва и по втор пат ќе стане премиер на Грција.
На вчерашните парламентарни избори, Нова демократија доби 40,55 отсто од гласовите, 22,73 проценти повеќе од опозициската СИРИЗА, која освои 17,84 отсто, а ПАСОК е на третата позиција со 11,85 отсто.
Партијата победник на изборите со добиени 158 пратенички места ќе формира еднопартиска Влада.