Во рамки на проектот „УГД – Чекор кон светот“ во кој се вклучени актуелните и идни студенти на Катедрата за современ танц при Филмската академија, денеска и утре ќе се одржат две работилници за кореографија и танц со предавачите: Настија Џјубан, Ли Мун Ваи и Викторија Илиоска.
Од Академијата соопштуваат дека овој дел од програмата, се остварува во соработка со Локомотива – Центарот за нови иницијативи и нивната програма Култренинг. Со ова, како што велат, започнува вториот дел од проектот „УГД – Чекор кон светот“, кој од годинава го воспостави Катедрата за современ танц, со цел да им се овозможи на студентите надградба и дополнителни знаења и пракса за интеграција на професионалната уметничка сцена, соопштуваат од Академијата.
– Во оваа практика на преориентирање, ќе започнеме со прашањето: „каква разлика прави кон што сме ориентирани?“ Поттикнати од принципот на практикување љубопитност инспириран од Фелденкраис, заедно ќе се ориентираме кон сетилата, сензациите, деловите од телото, движењата и звуците кои обично се недоволно застапени и маргинализирани. Кои се работите што ги оставаме зад нас? Движејќи се помеѓу овие прашања, ќе си играме со нотирање на сензации, практикување на исчекување и развивање телепатски поврзувања, велат предавачите.