Почнува 9.„Скопје Синема Сити“, Награда за животно дело за Џијан Емин

skopje cinema city
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Под мотото „Приказните зад музиката“ во Кинотека викендов ќе се одржи деветтото издание на Фестивалот посветен на музички документарни филмови „Скопје Синема Сити“.

Фестивалот годинава во својата програма вклучува изложба и три исклучителни документарни филмови посветени на творештвото на едни од највлијателни фигури во историјата на музиката, неповторливите Леонард Коен и Френк Запа, како и за нашата антологиска музичка група „Леб и сол“.


Фестивалот ќе биде отворен вечер, во 19 часот, во фоајето на Кинотеката со групна изложба на музички фотографии насловена „5х10“. Станува збор за избор од по пет фотографии на пет истакнати македонски фотографи кои посветено повеќе од две децении фотографирале на концерти и музички фестивали. Публиката ќе има можност да види фотографии на Маја Аргакијева, Огнен Ацевски, Роберт Атанасовски, Зденко Петровски и Стефан Рајхл.

По изложбата, во 20 часот, следува проекцијата на „Алелуја: Леонард Коен, патешествие, песната“ (2002), филм создаден за песната на Леонард Коен, која од отфрлен албум во 80-тите, по чудни околности, ќе стане една од најизведуваните песни на сите времиња. Ова е приказната за животот на песната „Hallelujah“ и сите музичари кои ја изведувале, од Коен до Џеф Бакли.

На 18 јуни (недела) ќе следат филмот за „Леб и сол“ насловен како „Вкусот на успехот“ и филмот за Френк Запа, „Изеди го прашањето: Запа со свои зборови“.

Фестивалот, кој традиционално доделува Награда за животно дело за успеси на полето на филмот и музиката, годинава ќе му ја додели на Џијан Емин, за неговите достигнувања во светот на филмската музика. Претходни лауреати во изминатите години, меѓу останатите, беа Руичи Сакамото, Њу Ордер, Ник Кејв.

Визуелното решение за деветтото издание е дело на Даница Орцева, студент на Brainster.

Фестивалот „Скопје Синема Сити“ е во организација на здружението Номад-Арт Скопје и е помогнато од Општина Карпош, од Министерството за култура и од Кинотека.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK