Германија ќе подготви повеќе од 100 тенкови Леопард 1А5 за Украина до крајот на годината, објави весникот „Велт“, повикувајќи се на германскиот министер за одбрана Борис Писториус.
„Нема да можеме да го замениме секој онеспособен тенк (во Украина) во овој момент“. Но, тоа што го правиме… од јули продолжуваме со испорака на тенкови Леопард 1А5 кои се ремонтирани, а до крајот на годината ќе бидат над 100“, рече Писториус.
Во февруари Берлин најави трансфер на повеќе од 100 постари тенкови Леопард 1. Писториус тогаш изјави дека првите парчиња треба да пристигнат на лето, но целата серија ќе биде испорачана до почетокот на 2024 година.
Од почетокот на контраофанзивата во Украина, на социјалните мрежи почнаа да кружат наводни видеа од уништена западна опрема, вклучително и тенкови Леопард 2 од германско производство.
Додека Берлин рече дека „нема информации“ за уништените Леопарди, заменик-министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Мелник ја повика Германија да обезбеди дополнителни тенкови и други оклопни возила за да се надокнадат сегашните загуби.