Средба на претседателот на Собранието Џафери со претседателката на Република Словенија, Мусар

sredba dzaferi-musar
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска остварил средба со претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц Мусар, која престојува во официјална посета на земјата.

Како што соопштија од собраниската прес-служба, тој ги констатирал одличните тридецениски билатерални односи меѓу двете држави и динамиката на средби на сите нивоа како најголема потврда за взаемната желба за поблиско поврзување меѓу нашите две земји.


– Особено беше нагласена поддршката и благодарноста на Република Словенија како долгогодишен партнер и сојузник на нашите евроатлантски интеграции и значаен контрибутор на помош во моменти кога навистина ни е потребна. Беа упатени честитки за изборот на Република Словенија за местото непостојан член на Советот за безбедност на Обединетите нации за периодот 2024-2025 година и можноста за поголемо присуство на малите земја и нивниот придонес во изнаоѓање на решенија за актуелните предизвици во светот. Претседателот Џафери ја информираше својата соговорничка и за актуелните подготовки за уставните измени и процесот на скрининг, како и за тековните активности за помош и поддршка на Украина како дел од обврските од нашето членство во НАТО, се наведува во соопштението.

Претседателката Пирц-Мусар, изразувајќи благодарност за топлото добредојде во Собранието, јасно укажала дека местото на Република Северна Македонија е во ЕУ и дека словенечката поддршка на тој пат и по членството во ЕУ, ќе продолжи со несмален интензитет како и досега.

– Изрази разбирање за случувањата во регионален контекст и за отстапките кои земјата мораше да ги помине за членството во НАТО и за отпочнување на преговорите со ЕУ. Во тој контекст, посочи дека, иако процесот за пристапување во ЕУ носи во себе многу предизвици, за кои Словенија има сопствено искуство, важно е да се искористи моментот и да се донесат државнички одлуки кои ќе донесат бенефиции за идните генерации. Како податок, го сподели зголемувањето за 91 процент на словенечкиот БДП по членството во ЕУ и корисните искуства во искористувањето на европските претпристапни фондови за развивање на словенечките рурални средини, се посочува во соопштението.

Двајцата соговорници ги поздравиле можностите за студирање на млади лица од Република Северна Македонија на словенечките универзитети под исти услови како словенечките граѓани и потенцијалите кои постојат на економски план и кои треба да бидат што повеќе искористени во иднина.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK