Воодушевен сум од идејата на д-р Митко Велески кој во моментов работи како научен соработник на Техничкиот универзитет во Котбус, Германија, да се врати во државава и да се вклучи во наставно – научниот процес на некој од нашите универзитети, истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири по средбата со младиот интелектуалец од Охрид кој по стекнувањето на основното академско знаење во својата земја, продолжува да се надградува во Германија, каде подоцна и се вработува на познатата високообразовна установа од областа на техничките науки.
Велески, како што е наведено во соопштението од МОН, е исклучителен интелектуалец, со објавени 15-тина научни трудови во прилично атрактивни подрачја како дизајн на дигитални системи, чипови и хардвер за вештачка интелигенција.
-Со него денес имав одлична дискусија. Ми се допаднаа неговите сугестии за подобрување на одредени сегменти на високообразовниот систем во Северна Македонија кои се поттикнати од германското искуство, како и идеите за воспоставување на соработка помеѓу високообразовните установи во двете земји, рече Шаќири.
Тој додаде дека на државата и се потребни млади интелектуалци како д-р Велевски и како што рече, правиме сè за да создадеме добри услови за целосно реализирање на нивниот личен потенцијал на овие простори.
-Дома сте добредојдени секогаш, порача министерот Шаќири на средбата со Велески