Петровска: Членството во НАТО и интегративниот пат кон ЕУ е влог во безбедна и просперитетна држава

petrovska
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Македонија направи сериозен исчекор во своето позиционирање и дека од земја што во минатото била препознаена по разни видови на кризи и секогаш барала помош, сега веќе е земја членка на НАТО Алијансата и сериозно и сигурно е на пат да ја оствари својата втора стратешка цел, а тоа е членството во Европската Унија. Оној влог кој е направен сите овие изминати години во политичка смисла на зборот во нашата држава, меѓутоа и сета поддршка која САД, која ни ја давале, ни ја даваат и ќе ни ја даваат во иднина навистина се исплатела, нагласува министерката за одбрана Славјанка Петровска во интервју за Гласот на Америка.

Петровска во интервјуто говори на повеќе теми, како местото и улогата на Северна Македонија во однос на безбедноста на регионот и колективната безбедност во НАТО, регионалната стабилност во контекст на состојбите на Косово, позицијата кон руската инвазија на Украина и донациите за украинската армија, како и процесот на модернизација на Армијата и родовата еднаквост во одбраната.


Во интервјуто станало збор и за модернизацијата на Армијата за која министерката информира дека е во тек, односно дека пристигна втората пратка на оклопни возила JLTV Oshkosh и согласно плановите, армиската НАТО единица треба да биде целосно опремена по највисоки стандарди до крајот на 2025 година, зашто во 2026 година претстои и НАТО оценување. Во однос на набавката на нови хеликоптери, Петровска посочила дека процесот на евалуација на понудите од четири компании е завршен и дека станува збор за хеликоптери кои според потребите треба да се мултифункционални, да ги исполнуваат потребните капацитети на Армијата и да можат да одговорат на потребите на граѓаните при спасувачки и други видови цивилни мисии.

Петровска се осврнува на родовата еднаквост и перспектива во одбраната, при што изразила задоволство што бројот на припаднички на Армијата во нешто повеќе од една декада е дуплиран и изрази уверување дека по назначувањето на жена, полковничка како началник на секција во Генералштабот, во скоро време на предлог на Генералштабот и Министерството, Претседателот ќе именува и прва жена – генерал.

– Мене ме радува што и на важни командни позиции се наоѓаат жени, без оглед на тоа дека тие се жени туку затоа што нивниот квалитет е неспорен. Од неодамна јас назначив жена полковник на една од секциите во Генералштабот и се надевам многу скоро, Претседателот, на мој предлог и на предлог на Генералштабот ќе именува и за прв пат жена генерал – не заради тоа што е време, туку заради тоа што навистина постојат жени кои заслужуваат да бидат унапредени во оваа највисока позиција во Армијата, подвлекува Петровска.

За состојбите во регионот и на Косово, таа изразува жалење за немирите и за нападите, особено врз трупите на НАТО, за кои рече дека имаат една цел – да воспостават мир.

– Јасниот одговор кој беше даден и од страна на САД и од страна на повеќе сојузници и од страна на ЕУ е пораката дека не сакаме да гледаме повторно нови жаришта на Балканот и дека треба да се свртиме кон тоа што се нарекува европска интеграција на земјите, процеси кои што се веќе започнати заради тоа што иднината на сите народи на Балканот е токму таму – во интеграција заедничка на сите земји или во ЕУ или за оние кои што се одлучиле и во ЕУ и НАТО, посочува министерката.

Во контекст на руската инвазија врз Украина, Петровска ја повторува добро-позната позиција на Северна Македонија дека Украина како земја која е нападната има право да се одбрани и дека ние како припадници на цивилизираниот, демократски и модерен свет имаме морална обврска да и помогнеме. Информира дека станува збор за опрема која нам не ни е потребна, а е суштински неопходна за земјата која се брани себе си и своите граѓани.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK