ОН: Уништувањето на браната Каховка ќе има огромно влијание врз глобалната безбедност на храната

ukraina
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

ОН предупредија дека уништувањето на браната на Дњепар ќе има огромно влијание врз глобалната безбедност на храната, ќе ја зголеми нејзината цена и може да го загрози пристапот до вода за пиење за стотици илјади жители. Браната Нова Каховка беше пробиена во раните утрински часови на 6 јуни, испуштајќи огромно количество вода што го поплави југот Украина.

Засега не е познато што го предизвикало пробивот, иако норвешките сеизмолози и американските сателити тврдат дека регистрирале експлозија. Украина и Русија меѓусебно се обвинуваат за уништувањето.


Шефот на ОН за хуманитарни прашања, Мартин Грифитс, изјави за Би-Би-Си дека влијанието на настанот врз безбедноста на храната во светот може да биде значајно.

– Тоа е житница – целата област низводно, кон Црното Море и Крим – е житница не само за Украина, туку и за светот, рече тој.

– Веќе се соочуваме со тешкотии во однос на безбедноста на храната, но сега, сигурен сум дека нејзините цени ќе пораснат … Речиси е неизбежно следната година да видиме огромни, огромни проблеми во жетвата и сеидбата. И затоа ќе имаме огромно влијание врз безбедноста на храната – тоа ќе се случи, нагласи Грифитс.

Украина и Русија се два од клучните светски производители на храна и главни играчи на пазарот за пченица, јачмен, пченка, семе од репка, семки од сончоглед и сончогледово масло.

Грифитс рече дека 700.000 луѓе зависат од резервоарот за вода што го држи браната за вода за пиење. Без чиста вода, тие се изложени на ризик од болести, а децата се најранливи.

Британецот исто така рече дека и штетата од ваков обем што е нанесена врз цивилната инфраструктура е целосно кршење на меѓународното хуманитарно право, вклучително и Женевската конвенција.

– Тоа е очигледно. Кој и да го сторил тоа ја прекршил Женевската конвенција, заклучи тој.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK