Екстремистите одгрупата Ал Шабаб ја презедоа одговорноста за нападот врз ресторан во Могадишу, главниот град на Сомалија, во кој загинаа најмалку седум лица.
Нападот на популарниот ресторан во хотел на плажа се случи вчера во раните утрински часови.
„Безбедносните сили успешно ги неутрализираа милитантите на Ал Шабаб кои беа одговорни за терористичкиот напад врз хотелот „Перл Бич“ во Могадишу. За време на операцијата беа спасени голем број цивили“, јави сомалиската државна агенција на Твитер.
Агенцијата објави фотографии од интервенцијата на војниците во ресторанот. Војник стоел покрај стаклената врата на која се гледаат дупка од куршуми, додека до него имало сандали и кофа со песок.
Келнерот во блискиот ресторан, Хусеин Мохамед, за британските медиуми изјави дека слушнал експлозија, по што следеле истрели за почеток на нападот.
-Целата област е опкружена со безбедносни сили, кажа тој.
Директорот на Итната помош, Абдикадир Абдирахман, изјави дека службата досега примила седум ранети лица.
Ал Шабаб е терористичка група поврзана со Ал Каеда.
„Муџахедините успеаја да влезат во „Перл Бич“ и да ја задржат контролата“, се наведува во соопштението на терористичката група.
Во ноември, Ал Шабаб нападна друг хотел во Могадишу, убивајќи девет лица. Ал Шабаб контролираше голем дел од Сомалија пред да бидат потиснати во контраофанзива од владините сили. Сепак, терористите сè уште се способни да извршат опасни напади врз владата, војската и трговските центри. Борците на Ал Шабаб во мај нападнаа база на околу 130 километри од Могадишу, каде што се стационирани мировниците од Уганда, при што загинаа 54 војници.