Со изложба на фотографии и документи од културниот и општествениот живот во Охрид и околината што беше отворена денеска Охридскиот архив го одбележува Меѓународниот ден на архивите – 9 јуни.
Изложбата е составена од седум теми, кои за јавноста ќе бидат достапни во дворот на институцијата до 16 јуни.
Според Ѓоко Бакрески, помлад соработник во Архивот, претставени се фондови од Архивот во Охрид: од Струшките вечери на поезијата, семејни фотографии, фотографии од поет, режисер и писател од Кичево, од првиот Охридски пливачки маратон…
– Изложени се семејни фондови, фотографии, од Коста Андоновски, Никола Герман, од Гуфулон, кои се донесени во Архивот и претставуваат дел од архивскиот материјал, истакна Бакрески.
Мартин Ристоски од Архивот во Охрид изрази благодарност до граѓаните кои ги предаваат личните фондови.
– Имаме сочувано голем број слики. Годинава целосно го дигитализиравме фондот од Струшките вечери на поезијата. Имаме фондови од цркви, трки со мотори од Охридскиот регион…, информира Ристоски.
Раководителот на Архивот во Охрид Никола Митровиќ Бабе информира дека последните години биле преземани околу 25 приватни фондови со архивски материјал.
– Тие се доста значајни бидејќи го отсликуваат и животот на одредено лице кое имало доста значајна историска и општетсвена улога. Значајни се бидејќи го покажуваат и општетсвениот, културниот живот на нашиот град, а и пошироко. Сите преземени фондови подлежат на одердена обработка и дополнително прикажување пред јавноста и достапност за истражување, истакна Митровиќ.
Вработените во Охридскиот архив упатија апел до сите кои имаат приватни фондови да ги однесат во Архивот, таму ќе бидат сочувани и прикажувани пред јавноста и пред се ќе постојат како наше наследтсво од трајна вредност. Ќе им биде продолжен животниот век на хартијата и фотографијата во адекватни простори.