Општина Зрновци наскоро ќе почне со реализација на проектот за изградба на станица за пречистување на отпадните води во селото Видивиште, чија вредност е проценета на над 1,9 милиони денари.
Најголем дел од инвестицијата е обезбеден со средства од Министерството за животна средина, а Локалната самоуправа ќе кофинансира во покривањето на трошоците за спроведување на постапката.
– На конкурсот што го објави Министерството за распределба на средства за финансирање програми и проекти од областа на животната средина ни беа одобрени 1,8 милиони денари и веќе го потпишавме договорот со кој ќе можеме да ги користиме средствaта. Со реализацијата на проектот ќе решиме огромен проблем за жителите од Видовиште, каде фекалната канализација се излева во Видовишка Река. Во текот на летниот период таа пресушува и на тоа место се создава мочуриште што со децении претставува извор на зараза и најголем загадувач на земјоделските површини, истакна Борчо Коцев, градоначалник на Општина Зрновци.
Локалната самоуправа денеска ја почна постапката за избор на фирма изведувач на градежните работи и според техничката спецификација се очекува проектот да се реализира до краот на август.