Денеска отпочнаа активностите за асфалтирање на улицата „Св.Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка, на потегот од Осички Мост кон клучката кај мотелот „Македонија” со магистралниот пат А2, Куманово – Крива Паланка.
Градоналникот Сашко Митовски, заедно со стручните служби од општината, изврши увид во активностите на терен каде почна поставување нов асфалтен слој.
-Уште една сообраќајница во градот добива нов асфалт. Проектот се реализира со средства во висина од 12.000.000 денари обезбедени од Североисточниот плански регион преку Биро за регионален развој, во рамки на кој се изврши комплетна рехабилитација на овој локален пат, изградени се нови тротоари и поставен е дрворед од декоративни садници – јапонска цреша.На овој дел од улицата е извршена целосна замена на коловозната конструкција, изградба на атмосферска канализација, а ќе биде поставена и заштитна еластична одбојна ограда, со елементи за подобрена видливост и безбедност на улицата за сите учесници во сообраќајот, рече Митовски.
Истакна дека во претстојниот период во Крива Паланка ќе има вистинска градежна офанзива. Веќе утре се очекува да отпочнат теренските активности на улиците „Кочо Рацин” и „Панче Пешев” во реонот над ЈП Македонски шуми, ПШС „Осогово”.