Градоначалникот на Општина Крива Паланка потпиша два нови договори за проекти во вредност од 10.185.633 денари за изградба и реконструкција на фекална и атмосферска канализација во населба Баглак и изработка на техничка документација за продолжение на главен фекален колектор до пречистителна станица и проект за пречистителна станица за отпадни води.
-Со двата договори од Министерството за животна средина и просторно планирање се доделени 7.500.000 денари, а Општина Крива Паланка ќе вложи сопствени буџетски средства во износ од 2.685.633 денари. Со овие проекти се решаваат круцијални проблеми на граѓаните и се инвестира во подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.Општина Крива Паланка работи на создавање предуслови за нови поголеми, капитални инвестиции за урбана, европска општина, рече Сашко Митовски, градоначалник на Општина Крива Паланка.
Со проектот за изградба и реконструкција на делови од атмосферска и фекална канализација во населба Баглак се решава долгогодишен проблем за граѓаните од тој дел на градот.
-Постојната фекална канализација на оваа улица е несодветно изведена, минува по скалеста пешачка патека меѓу самите куќи и се поврзува на т.н. десен колектор. Поради непрописно изведената канализациска мрежа отпадните води при најмал дефект на мрежата би се сливале во дворовите на куќите и по улицата „Македонска“ и ул.„Херој Карпош“. Токму со проектот за изградба и реконструкција на фекалниот канализациски колектор од дел од ул. „Македонска“ , попречно кон ул. „Херој Карпош“ во должина од околу 200 метри, ќе се придонесе кон намалување на загадувањето на животната средина и ќе се подобри квалитетот на живеење, велат од службата за комуникација со јавност на Општина Крива Паланка.
Проектната област опфатена со проектот ,,Изработка на техничка документација за продолжение на главен фекален колектор до пречистителна станица за отпадни води е градското подрачје на Крива Паланка и селата во правец кон запад како што се Конопница, Тлминци, Мождивњак и Длабочица со предпоставена должина на колекторот од околу 8 километри, почнувајќи од градското подрачје по течението на Крива Река од левата страна се до местото на предвидена пречистителна станица во реонот на село Длабочица, каде во оваа фаза би се направил и проект за пречистителна станица со кој би се овозможило пред-третман на отпадните води.
-Со изградбата на колекторот и третманот на отпадните води би се придонело значително во зачувување на чиста животна средина и би се овозможила понатамошна изградба на секундарни мрежи за деловите од градот и селата долж течението на Крива Река, што ќе има поволни ефекти врз квалитетот на животот на населението како и врз развој на стопанството и индустријата, додаваат од општината.