Мицкоски: Влада без ДУИ, а уставните амандмани да бидат ефективни кога Македонија ќе стане членка на ЕУ (ДПЛ)

micko
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска од Кочани повтори дека нивниот услов за да евентуално да гласаат за уставните амандмани би бил влада без ДУИ до избори и уставните амандмани да станат ефективни тогаш кога земјава ќе стане членка на ЕУ.

-Од лидерската средба вчера важно е да констатираме дека во овој момент Владата го нема потребното мнозинство во Парламентот за уставните измени што ги прифати пред една година без да биде консултирана опозицијата, односно ВМРО-ДПМНЕ. Кога се нудеше ВМРО-ДПМНЕ тие го одбија, кога предупредуваше тие го игнорираа и потоа кога нудевме континуирано решение тие решенија ги игнорираа, рече тој.


Повтори дека ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати промена на Уставот под бугарски диктат.

-Како одговорна политичка партија и како одговорни политичари секогаш сме подготвени да разговараме кога станува збор за иднината на нашата татковина. Таков беше и разговорот на лидерската средба со Ковачевски. Од негова страна беше дадена понудата да отстапи пет министерства кои во овој момент ги управува владата на СДСМ и да му ги понуди на ВМРО-ДПМНЕ, а за возврат на тоа ВМРО-ДПМНЕ да даде поддршка на уставните амандмани, да се завршат тие амандмани, да се отпочнат преговорите, и потоа така да се оди на избори, рече Мицкоски.

Повтори дека одговорил на тоа дека ја прифаќаат понудата ВМРО-ДПМНЕ да учествува во идната влада до избори, но под одредени услови.

-Прв услов е конечно Македонија да ја ослободиме од ДУИ. Таа нема потреба да биде во таа условно кажано преодна влада. Го поздравувам потегот на Бујар Османи што тоа го прифати во името на ДУИ. Кога станува збор за уставните амандмани, еве да речеме да го прифатиме гласањето за тие, но да биде одложен ефектот, односно со одложено дејство. Практично околностите нема да се променат, нема да имаме промена на Устав, тие амандмани нема да бидат дел од тој устав, се до моментот додека Македонија не стане земја членка на ЕУ, рече Мицкоски.

На тој начин, според него, се заштитува нашиот идентитет, и на тој начин ние кажуваме дека нема отстапки што ќе можат да му наштетат на нашиот идентитет.

Во однос на потегот на Бујар Османи, дека прифаќаат да излезат од Владата, вели дека го поздравува што сфатиле дека е време за опозиција.

-Tоа дава можност граѓаните да се ослободат од фрустрацијата од процесот на дуизација. Од друга страна, тоа дава можност за вистински почеток на преговори со ЕУ, а не Македонија да биде држена во заложништво од мала група на луѓе кои освен својот личен интерес ништо друго немаат како приоритет. Се надевам дека нема да ја променат одлуката до изборите, оцени Мицкоски.

Тој рече и дека не разговарале за тоа кои пет министерства се во прашање.

-Не сме зборувале за тоа, очекуваме да се сложат на ЦО на СДСМ, прво да прифатат една ваква влада во која нема да учествува ДУИ и да прифатат амандманите на Уставот да бидат со важење тогаш кога Македонија ќе биде членка на ЕУ, посочи Мицкоски. 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK