Поддршка за Предлог законот за употребата на македонскиот јазик во собраниската Комисија за култура

sobraniska komisija
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Собраниската Комисија за култура денеска го разгледа Предлог законот за употреба на македонски јазик во прво читање и едногласно одлучи дека е прифатлив и треба да се даде на понатамошно читање.

Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска го образложи Предлог законот, напоменувајќи дека со новиот закон ќе се прошират областите во коишто задолжително се употребуваат македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо.


Како што рече, ќе се прошири опсегот на задолжително лекторирање текстови што се објавуваат: општите и поединечните акти на законодавната, на извршната и на судската власт и на единиците на локалната самоуправа,  службените документи и текстови на овие органи, но и на јавните установи и институции од областа на културата, образованието и науката.

Комисија за култура ФОТО/МИА

-Со Предлог-законот ќе се даде правна основа за донесување национална стратегија за македонскиот јазик. Како и досега – и со овој закон проверката на потребното стручно знаење за лекторирање ќе се врши преку полагање испит за добивање лекторска лиценца. За вршење инспекциски надзор над примената на законот се предлага основање Инспекторат за употребата на македонскиот стандарден јазик, орган во состав на Министерството за култура со својство на правно лице, рече министерката.

Пратеничката Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека голем дел од забелешките кои се однесуваа на овој Предлог закон се вградени, што го подобрува квалитетот на самиот закон. Сепак, како што посочи, постои потреба за одредени дополнувања заради квалитетот на Законот.

Таа препорача во членот 4, каде се набројува каде и како ќе се применува и заштитува македонскиот јазик, да се потенцира дека ќе се уреди познавање на македонски јазик како услов за добивање на државјанство и вработување, особено при вработување во дипломатски и конзуларни претставништва. Таму, како што вели, употребата на македонскиот јазик да биде задолжителна.

-Исто така, потребно е да постои и проверка на познавање на македонскиот јазик при вработување на овие места. Советот за македонски јазик пак, треба да биде синоним за највисоко познавање на филологијата, односно на македонскиот јазик. Во однос на опасноста од конфликт на интереси, потребно е да се воведат построги критериуми со цел да се отстрани опасноста од фамилијаризацијата. Целосна поддршка давам во однос на казните, бидејќи сегашните казни се смешни, рече Силјановска Давкова.

Комисија за култура ФОТО/МИА

Како што напомена, генерално станува збор за добар Предлог закон, за кој може да се дискутира. Сепак, посочи, постои простор за подобрување за да може да дојдеме до еден текст со кој ќе се заштити македонскиот јазик бидејќи таква заштита до сега не постоеше.

Пратеничката Жаклина Лазаревска од СДСМ е на ставот дека станува збор за исклучително важен Предлог закон и постои потреба од негово донесување, бидејќи постојат многу неправилности при користењето на македонскиот јазик во институциите во државата.

-Со овој Предлог закон се дава основа Собранието да донесе Национална стратегија за македонски јазик. Во согласност со овој Закон, во изработката на Националната стратегија ќе учествуваат високо образовни и научни установи. Мојата препорака е да бидат лекторирани наставните помагала во образовните институции, но и да се врши проверка дали на вистински начин се користи и употребува македонскиот јазик во образованието, посочи Лазаревска.

Пратеничката Велика Стојкова Серафимовска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека ова е подобро законско решение од она кое беше понудено во 2019 година. Со последната верзија на ова предлог законско решение, како што рече, забележано е дека се прифатени голем број на нивните забелешки.

И пратеничката Стојкова Серафимовска е на ставот дека постои простор за подобрување на ова предлог законско решение, а како што рече, најдобро ќе биде амандманите заеднички да бидат изработени, кои во поголем дел ќе бидат од техничка природа.

Нејзина препорака е во законот да се додаде дека македонскиот јазик, освен што е нематеријално културно богатство, е и културно богатство. Ова, според пратеничката, ќе овозможи поширока плејада на механизми кои ќе се користат, во согласност со Светските конвенции кои како држава ги имаме ратификувано.

Комисија за култура ФОТО/МИА

Во однос на Советот за македонски јазик, Стојкова Серафимовска, посочи дека треба да се размисли дали мандатот на сите членови треба да им истекува во исто време.

-Мојот предлог е членовите на Советот да ротираат, за да постои еден континуитет, односно да не дојдеме во ситуација да немаме Совет за македонски јазик. Исто така, моја препорака е и да се воведе задолжително изучување на македонски јазик во универзитетите, макар и само еден семестар. Го поздравувам покачувањето на казните, рече Стојкова Серафимовска.

Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска во репликата на пратеничката Стојкова Серафимовска посочи дека од Советот за македонски јазик се согласија дека по изгласувањето на овој Закон, ќе пратат иницијатива до Министерството за образование и наука за изучување на македонски јазик во универзитетите.

Пратеничката Даниела Христова од ВМРО-ДПМНЕ рече дека е потребно сите да вложиме големи напори за да го зачуваме македонскиот јазик.

-Предлог законот е добар, постојат подобрувања во однос на претходниот, но за сите забелешки ќе реагираме амандмански и се надеваме дека  ќе бидат прифатени, потенцираше Христова.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK