Заводот за вработување на Република Словенија и словенечката амбасада во земјава, приредија промотивен настан посветен на можностите за вработувања и живот во Република Словенија.
Промоцијата на потребите од ресурси за вработување во Словенија почна од Северна Македонија, а ќе биде организирана и во други држави затоа што во овој момент Словенија има потреба од работници, изјави Жива Штиглиц, раководител на сектор за меѓународна соработка во Заводот за вработување на Словенија.
-Вчера во Скопје и денес во Битола забележавме голем интерес за вработување во Словенија. Во директни средби со граѓаните информираме за заштитата и правата на вработени емигранти, за минималната плата и други бенефиции. Во Словенија во моментов најмногу има потреба од здравствени работници, кадар од сферата на градежништвото, но има потреба и од други професии, посочи Штиглиц.
На повеќе штандови во битолскиот Офицерски дом меѓудругите се претставија здравствениот дом од Марибор, болницата во Изола, градежни компании од Велење, и други институции кои имаат потреба од нови вработувања.
-Во Словенија има недостиг од вработени затоа што побараувачката стана поголема и затоа се бараат ресурси од државите во регионот. Промотивни настани ќе организираме и во другите држави, но сепак Северна Македонија ја избравме како прва држава за промоција на можносите за вработување и живот во Словенија, нагласи Штиглиц.
Промотивниот настан е во тек и ќе заврши во 17 часот, а на посетителите освен брошури и информативни летоци, бесплатно им се дели публикација „+првите 500“ зборови на словенечки за полесна адаптација во словенечкото општество.