Од 1 јуни 2023 година нов генерален директор на Пивара Скопје е Душан Митрев. Тој на оваа позиција доаѓа по Горан Сладиќ кој продолжува да раководи со деловните операции на Coca-Cola HBC во Нигерија.
Новиот генерален директор на Пивара Скопје, Душан Митрев одлично ја познава Пивара Скопје, нејзиниот развој, вработените, брендовите и нивната позицијата на пазарот, односите со потрошувачите и партнерите, како и деловното опкружување во земјата.
Тој е еден од генерацијата млади професионалци којшто своето знаење, искуство и менаџерски вештини ги градеше во Пивара Скопје. После три години поминати во PwC Скопје, во 2010 година тој му се приклучи на тимот на Пивара Скопје, во секторот финансии, каде преку посветена работа и континуирано учење напредуваше низ различни позиции, сѐ до позицијата финансов директор на компанијата во 2016 година. Потоа, во 2019 година, продолжи во секторот комерција како менаџер за продажба на клучни купувачи.
Во изминатите три години Митрев дополнително ги надгради своите менаџерски и продажни вештини, извршувајќи ја функцијата директор на продажба на Coca-Cola HBC во Босна и Херцеговина, каде благодарение на неговата посветеност, тимска работа и лидерство, компанијата забележа исклучителни продажни резултати, унапредувајќи ја и зацврстувајќи ја својата пазарна позиција.
„Навистина се радувам што повторно доаѓам дома, во Пивара Скопје, на чело на тимот и средината кои многу добро ги познавам.
Тргнувајќи од мотото, ‘Еднаш Пиварец – секогаш Пиварец’, имам силна енергија и визија како заедно со вработените да продолжиме да ја водиме Пивара Скопје напред, вложувајќи во нејзиниот одржлив раст и развој, во натамошно јакнење на довербата и задоволството на потрошувачите, задржувајќи го фокусот на иновациите, квалитетот и уникатните карактеристики на нашите брендови, како и во градењето одлични односи со нашите купувачи и деловни парнери, водејќи посебна грижа за придонесот што го даваме за просперитетот на пошироката задницата на која ѝ припаѓаме“, изјави новиот генерален директор на Пивара Скопје, Душан Митрев.
Одличните резултати што досега ги остварил Душан Митрев низ својата професионална кариера, дополнети со неговата стручност, иницијативност и способност за мотивирање на сите членови на тимот да го реализираат својот потенцијал, претставуваат гаранција дека со неговото лидерство компанијата ќе продолжи со одржливиот развој, со јакнењето на позициите на пазарот, градењето највисоко ниво на задоволство кај потрошувачите, како и со реализацијата на бројни општествено-одговорни проекти кои се една од нејзините главни одлики.
Минатата година Пивара Скопје ја одбележа 100-годишнината од своето основање, а следната година, заедно со своите вработени, потрошувачи, партнери и целата заедница ќе прослави и 100 години од почетокот на производството на најпознатото пиво во земјата – СКОПСКО. Од 1998 година Пивара Скопје е дел од глобалните системи на Coca-Cola HBC и HEINEKEN N.V.