Во Уметничкиот Центар АРТ ХАБ во Скопје вечер ќе биде отворена самостојната изложба на ликовната уметница Марта Поп Антоска Башевска.
Ова е прва изложба на Glass Art во земјава на која што ќе бидат презентирани над 30 скулптури изработени од мурано стакло како и предмети од применета уметност и моден дизајн.
Во текстот за каталогот историчарката на уметност Маја Чанкуловска пишува дека скулптурите и сликите-објекти на Марта Поп Антоска Башевска „не само што го оплеменува човековиот животен простор, туку истиот и го дефинира преку својата појавност, што е еден од основните принципи на уметноста„. Притоа, вели „нејзините стаклени скулптури, изработени по принципот на топење на стаклото, се перцепираат како синтеза на скулптури и слики“.
-Чувствувајќи ги сите деликатни карактеристики на материјалот и почитувајќи ги сложените принципи на фузија на стаклото, односно процесот на негово топење, творбите на Марта Поп Антоска Башевска (една од ретките уметници кај нас која сосема е посветена на изработка на дела во стакло) ги поместуваат границите на овој цврст и кршлив материјал. При оваа фузија се постигнува ефект на органска материјалност, самите форми сугерираат брановидност и флуидност и креираат сопствена патека која се шири во хоризонтала и во вертикала. Секоја форма за себе нуди одвоена и комплексна уметничка приказна исполнета со мноштво на бои, пигменти и мунуциозно презентирани детали во некогаш сложена, а некогаш поедноставена композициска целина. Ликовноста во овие приказни е реализирана преку ненаметливите референции, на сознанијата од кубизмот со имплицирана нагласена линеарност и плошност и секако рафинираноста на Виенската сецесија, односно Климтовата симболична колоритност, разиграност на површината и нејзините елементи, особено златните листови, пишува Чанкуловска.
За сите љубитеи на уметноста изложбата ќе биде отворена до 28 јуни годинава.