Годинешната тема под која се одржува Светскиот ден за безбедна храна е „Стандардите за храна спасуваат животи“. Ова е клучниот аргумент кој го имаме на ум сите ние кои сме претставници на институции кои се директно вклучени во обезбедувањето здрава и безбедна храна, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски на денешната работилница во Скопје по повод Светскиот ден за безбедност на храна.
Ова, како што посочи тој, е целта која сакаме да биде главен фокус на сите производители во прехранбениот ланец, да се почитуваат стандардите кои се јасно дефинирани и кои постојано се надополнуваат.
-Стандардите даваат насоки за хигиенско ракување со храна, ги дефинираат максималните нивоа на адитиви, резидуи од пестициди и ветеринарни лекови, правилно пакување, транспорт и складирање. И сето ова мора максимално да се почитува и ние тоа успешно го правиме, рече министерот Николовски.
Европската агенда „Од фарма до трпеза“, како што истакна, јасно ја отсликува потребата за примена на стандарди и контрола на безбедноста на храната на секое ниво, почнувајќи од примарното производство.
-Од тука почнува сѐ. Токму од нивите и фармите. Затоа и ние како министерство постојано апелираме земјоделците да применуваат добри агроеколошки практики со чија примена имаат бројни придобивки. Не само што се произведува здрава и безбедна храна, туку се добиваат и поголеми приноси на иста површина, се намалуваат загубите, се превенираат болестите и се штити животната средина, потенцираше Николовски.
Токму во таа насока, Министерството и АХВ, со поддршка од ФАО, неодмана ја започнаа втората фаза од процесот за унапредување на системот за идентификација на животните и подобрување на безбедноста на храната, како еден од приоритетите со стратешко значење за земјоделскиот сектор. Обврската да го усогласиме националното законодавство за благосостојба на животните и безбедност на храната, со стандардите на Европската Унија, е она на кое заеднички работиме и кое ќе ни отвори многу врати, ќе имаме поконкуретно производство кое ќе има олеснет пристап до глобалните пазари.
-И како што кажува слоганот „Безбедноста на храната е сечија работа”, упатувам порака до сите, да ја шириме оваа информација, да допре до секој граѓанин, да ги научиме и децата од најмали нозе да развијат свест за здрава и безбедна храна, а со тоа да обезбедиме здравје за сите. Само така, свеста за безбедноста на храната постојано ќе расте, порача министерот Николовски.
Генералното собрание на Обединетите нации, во 2018 година го воспостави 7 јуни како Светски ден за безбедност на храна, под слоганот „Безбедноста на храната е сечија работа” (Food safety is everyone’s business). Целта на одбележувањето на овој ден ширум светот, е да се подигне јавната свест за безбедноста на храната, да се превенираат, да се откријат и правилно да се управува со ризиците, кои се однесуваат на безбедноста на храната.
На денешната работилница во Скопје, која беше во организација на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), беа презентирани повеќе теми од областа на здравјето и безбедноста на храната, како и работењето на Агенцијата со цел запазување на пропишаните стандарди за безбедност на храна, што за крајна цел има подигање на јавната свест за значењето на производство и консумација на безбедна храна.