Спасовски: Стратешки приоритет е превенција на детско престапништво и зголемување на отпорноста на младите кон сите видови криминал

spasovski
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Превенцијата на детско престапништво и зголемување на отпорноста на младите од сите видови криминал е стратешки приоритет за благосостојба на децата, семејствата и општеството во целина, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во видео обраќање на Регионалниот настан „Зајакнување на отпорноста на организираниот криминал и корупцијата помеѓу младите во Југоисточна Европа“.

Според министерот, токму овие две области се клучни полиња во кои Европската Унија, односно Европската комисија, со години упатува забелешки и дава препораки за натамошно подобрување.


– Притоа, организираниот криминал и корупцијата се и области во чијашто борба и превенција Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија вложува материјално-технички, но и човечки ресурси за надградба на своите капацитети. Воедно, несебично сме вклучени во меѓународната соработка, воспоставена на експертско и оперативно ниво, со цел етаблирање и поттикнување на култура на заедничко и посветено дејствување во борбата против овие феномени, истакна Спасовски.

Спасовски информираше за Националната стратегија и Акцискиот план за превенција и заштита на децата од насилство за периодот 2020 до 2025 година на Министерството за труд и социјална политика, во која, како што рече, активно учество за изготвување и спроведување на истата имало и Министерството за внатрешни работи.

Тој го спомена и Државниот совет за превенција на детско престапништво создаден согласно Законот за правда на децата, во кој членуваат професионалци, стручни и научни работници, претставници од државните и јавните установи, приватниот сектор и граѓанските здруженија со цел организиран пристап во превенцијата на детско престапништво.

– Со донесување на Законот за правда за децата, Република Северна Македонија направи голем исчекор во делот на заштитата на правата и интересите на децата, а со новиот концепт на Законот се постигна усогласување со меѓународните стандарди за правда за децата и се создаде еден сеопфатен концепт насочен во полза на децата кои дошле во контакт со правниот систем, а во нивен најдобар интерес, нагласи министерот Спасовски.

На крајот од своето видео обраќање тој потенцира дека 2023 година е успешна година за Министерството за внатрешни работи на планот на оперативната меѓународна соработка, а сè попризнати се и успесите во остварувањето на својата репресивна функција.

– Убеден сум дека со одржување на вакви настани и со зајакнување на меѓусебната доверба и дијалог, ќе можеме за многу скоро време да кажеме дека превенцијата на криминалот и криминалните феномени во Република Северна Македонија добиваат на интензитет, а резултатите бележат континуиран растечки тренд, рече министерот Спасовски.

Настанот е организиран во рамки на Претседавањето на земјава со Организацијата за безбедност и соработка во Европа, а во заедничка организација на Одделот за транснационални закани на ОБСЕ и Глобалната иницијатива за борба против транснационалниот организиран криминал.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK