Реновиран е оддел на Универзитетска Клиника за ендокринологија. Директорот Арѓент Муча денеска се осврна на работата во последните неколку месеци и информираше дека овде е реновиран центарот за дијабет, поголемиот дел, а останатиот беше реновиран пред три години.
Муча информираше околу тоа што вклучуваше самото реновирање. – Сите лаборатории, имунолошка, биохемиска и приемна. Собите за преглед на пациенти или амбуланти, соби за помошен персонал, центар за едукација за сензори за инсулински пумпи и во најава е отворање на регионален центар за дебелина за целата држава, во следните три четири недели, што ќе се грижи за обезните пациенти и компликациите поради обезноста. Реновирани се и други простории, околу 60 – 70 проценти, на одделот горе, каде што лежат пациентите, појасни тој.
Реновирањето опфаќа нови прозорци, болнички кревети, подови, плафони нова инсталација и осветлување.
– Средствата беа обезбедени од буџетот на нашата клиника, со огромна поддршка на министерот за здравство, кој во секој момент ни излегуваше во пресрет да успееме за толку брзо време, да се реализира реновирањето, нагласи директорот.
Задоволство од реализираното, изрази и министерот за здравство Фатмир Меџити.
– За многу краток период сведоци сме дека имаме реновиран оддел на гастроентерохепатологија, а на оваа клиника по овој настан ќе промовираме и медицинска опрема. Минатата недела бевме сведоци и на промоција на реновиран педијатриски оддел во болницата во Гостивар. Правиме максимални напори, чекор по чекор да ги менуваме работите во интерес на пациентите и здравствените работници кои работат тука, рече министерот.
Меџити, посочи дека станува збор за вкупна инвестиција од 8 милиони денари, средства од буџетот на Клиниката со што имаме уште еден пример на добро менаџирање на една здравствена установа.
На овој оддел се сместени повеќе болнички соби, центар за едукација, дневна болница и други простории.
-Честитки за менаџментот за заложбите за континуирано унапредување на условите за третман за пациенти. Ве уверувам дека и во наредниот период продолжуваме со вакви и слични активности за унапредување на јавно – здравствениот систем, нагласи министерот.