Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) издаде уверенија за успешно завршена обука на 14 лица – врвни математичари кои успешно ја завршија двегодишната обука и ги положија сите 15 стручни предмети. Нивната супспецијалност е да креираат математички модели за проценка и управување со ризиците кои ги превземаат осигурителните компании. Обуката за звање овластен актуар траеше две години, а започна во 2021 година.
Овие лице, информираат од АСО, во период од две години успешно ги положија испитите: веројатност и статистика, финансиска математика, схоластичко моделирање, актуарска математика, економија, неживотно осигурување, осигурување живот, модели на доживување, економија, инвестиции и управување со средства, здравствено осигурување, пензиско осигурување, сметководство во осигурувањето, регулатива и етика.
-Воопшто не беше мала работа, после пауза од седум години да се организира и успешно спроведе обука за актуари на потребното ниво на квалитет кое ќе ги задоволи стандардите која ова професија ги бара. Се работи за голема сатисфакција, затоа што на финансискиот пазар обезбедуваме исклучително потребен, а редок, значаен супспецијализиран кадар кој има капацитет и знаење активно да помогне во подигањето на квалитетот во работата на нашата осигурителна индустрија и во крајна линија да придонесе во растот и развојот на осигурувањето, рече Крсте Шајноски, претседател на Советот на експерти на АСО при доделувањето на уверенијата на актуарите.
Актуелниот менаџмент на АСО во овој мандат организира две обуки за актуари од кои едната заврши успешно со промоција на 14 лица во актуари, а другата е во тек и треба да заврши идната година. Последна претходна обука и стручен испит за актуари имало во периодот 2014 – 2016 година.
Актуарите се стручњаците во осигурителни компании и во друштвата кои управуваат со пензиски фондови и тие се специјализирани да создаваат математички модели за проценка и управување со ризиците кои ги осигуруваат компаниите. Колку е ценета нивната работа докажува тоа што во последниве две децении на глобално ниво оваа професија секогаш без исклучок е меѓу најпосакуваните 20 професии глобално.
Што се однесува до процесот на едукација за актуар значајно е да се истакне дека бара претходни солидни познавања од математика, статистика, веројатност и демографија и дека процесот на обука и полагање стручни испити трае околу две години.
Во земјава има околу 30 актуари. Тие имаат свое здружение кое се вика „Актуар“ и е дел од глобалната мрежа на овие професионалци.
-Основната дејност на друштвата за осигурување е да покриваат различни видови ризици (во дејностите на неживотно и на животно осигурување). Тоа наједноставно кажано значи дека актуарите се носители на основните бизнис процеси особено во осигурителните компании. Затоа што тие треба да развијат математички модели кои ќе ги предвидуваат можните ризици врз основа на што пак менаџерските тимови на компаниите ќе ги поставуваат и ќе ги спроведуваат бизнис стратегиите на компаниите. Основата на целиот осигурителен бизнис е содржана во моделите кои ги создаваат актуарите, велат од АСО.