Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски придружуван од заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи, денеска ќе учествува на вториот состанок на Европската политичка заедница во Кишињев, Молдавија.
На самитот на Европската политичка заедница ќе учествуваат 47 лидери, меѓу кои лидерите на 27 земји членки на ЕУ, како и земјите од Западен Балкан, Ерменија, Азербејџан, Грузија, Исланд, Лихтенштајн, Молдавија, Норвешка, Швајцарија, Турција, Украина, Велика Британија, Европската комисија, Европскиот совет, Европскиот парламент и други.
Премиерот Ковачевски покрај учество на тркалезната маса на тема енергетика и поврзаност, како што соопштија од владината прес-служба, ќе оствари и неколку билатерални средби меѓу кои со претседателката на европскиот парламент Роберта Мецола, премиерката на Данска Мете Федериксен, домаќинот премиерот на Молдавија Дорин Речан.
– Програмата содржи паралелни тркалезни маси на кои ќе се одвиваат дискусии поврзани со актуелните прашања поврзани со обезбедувањето на клучната инфраструктура; засилување на борбата против сајбер нападите, изработка на заедничка, паневропска енергетска политика и разгледување на можноста за повеќе универзитетски и студентски размени. Главниот фокус на разговорите ќе биде на следните три теми: заеднички напори за мир и безбедност; енергетска отпорност и климатска акција; и меѓусебните врски во Европа за подобро поврзан и постабилен континент, се наведува во соопштението од прес-службата на Владата.