Претседателот Пендаровски го посети скопското средно училиште „Цветан Димов“

cvetan dimov
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска, по повод отворениот ден, го посети средното училиштето на Град Скопје „Цветан Димов“ каде што имаше можност да се запознае со условите во училиштето, наставниот кадар и со учениците.

Како што соопшти Кабинетот на Пендаровски, претседателот беше информиран дека наставната програма се одвива на албански и на турски јазик, образувајќи ученици во здравствена и економско-правна, како и во трговска струка.


Како поранешен ученик на тогашната гимназија „Цветан Димов“, шефот на државата истакна дека за време на средношколските денови, покрај со образование, се стекнал и со соодветно воспитување и посочи дека покрај родителите и семејството, учителите и професорите се најважниот фактор за правилно воспитување на младите луѓе и усвојување на моралните вредности.

-На страна мојата кариера, сигурен сум дека образованието и воспитувањето што ги имам добиено на времето од моите професори во тогашната гимназија „Цветан Димов“, ми помогнаа да се изградам во морална личност, во човек кој никогаш не ги делел луѓето по вера и нација и кој секогаш покажувал солидарност кон оние меѓу нас на кои им треба помош и поддршка, истакна Пендаровски.

За  годините поминати во училиште рече дека се најубавите во животот на секој човек, дека  средношколскиот период е најдинамичен и најинтересен, период кога се преминува од светот на децата во светот на возрасните.

-Средношколците имаат многу идеи, многу енергија и желби за иднината. Токму во средното училиште се доизградуваме како личности, го градиме својот интегритет како луѓе, почнуваме да препознаваме што сакаме да бидеме во животот и, особено важно, создаваме другарства и пријателства кои траат со години, додаде претседателот.

На учениците  им порача што е можно повеќе да бидат во интеракција едни со други и да се дружат, да спортуваат и истражуваат, а помалку да бидат на социјалните мрежи и со мобилните телефони.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK