Во Загреб е поставена изложбата „Убавите жени“ на тетовскиот уметник Славчо Максимовски

izlozba
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Ликовниот уметник Славчо Максимовски од Тетово вчеравечер во салата „Тоше Проески“ во Македонската православна црква „Св. Злата Мегленска“ во Загреб ја постави изложбата „Убавите жени“, а промотор на изложбата беше хрватската пратеничка Маријана Петир.

Со поддршка на македонско – хрватското друштво (МХД) од Тетово, загребската јавност синоќа имаше ретка прилика одблиску да ги погледне 29-те комбинирани слики и фотоманипулации на академскиот сликар Максимовски.


Настанот симболично, во предвечерието на Денот на независноста на Република Хрватска, беше организиран во објектот на новоосветената и прва македонска православна црква во Хрватска.  Од името на домаќините, присутните ги поздрави Зорица Велиновска, а по неа поздравен говор имаше хрватската пратеничка Петир, истакнат пријател на Македонија и македонскиот народ.

-Замислата е да се даде почит кон жените и да се претстават жени кои преку психологијата на нивните ликови ќе  ја појаснат убавината, односно суштината на жените кои живеат тука, успешни, без бариери и предрасуди. Жените мора да се столб на едно општество. Притоа, не се мисли само на физичката убавина туку на поривот за истрајност, борбеност, мистика, страст, херојство, непокорност на патот кон успехот, и секако жената како центар на светот, изјави Славчо Максимовски.

Станува збор за комбинација на класична фотографија, цртеж во комбинирана техника и дигитална обработка односно фото манипулација. Димензиите на сите фотографии се 50/70см. Изборот на жени неслучајно е направен и е составен од жени од различни професии и различна возраст.

На изложбата застапени се и неколку жени од Тетово или со тетовско потекло: водителката Слободанка Илиевска, диригентката Јасмина Ѓорѓеска, планинарката Ирина Дишовска, водителката Татјана Стојановска и др.  Вкупно 29 жени со свој карактер, своја посебност, успешни, моќни, со интересни животни приказни, свои.

Академискиот сликар Максимовски е роден во 1988 година во Скопје. Има дипломирано и магистрирано на Факултетот за ликовна уменост во Скопје. Досега има изложувано во Тетово, Скопје, Гостивар, Куманово, Велес, Битола, како и надвор од државата – во Италија, Србија, Финска и Мексико.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK