Општина Неготино денеска беше домаќин на завршниот настан од проектот „Заштита на водните ресурси со намалување на човековото влијание врз животната средина”, кој е финансиран од Европската унија и националните фондови на земјите учеснички во Интеррег ИПА програмата, за прекугранична соработка.
Од име на локалната самоуправа, присутните ги поздрави Марија Нацева, секретар на општината. Таа искажа јавна благодарност за одличната соработка помеѓу општините Неготино и Алмопија од Република Грција за времетраењето на проектот и изрази надеж, дека соработката ќе продолжи и во иднина со спроведување нови проекти во разни области.
Претставник на јавното претпријатие „Комуналец”, истакна дека преку проектот, за потребите на претпријатието се набавени канал џет возило, ултразвучен мерач на проток и геофон за систематско испитување на водоводите, изразувајќи подготвеност со евентуална набавка на нова механизација преку друг проект, побрзо и поефикасно да ги извршуваат секојдневните работни обврски.
На завршниот настан од проектот „wa -mbrella”, излагања за реализираните активности во општините одделно, имаа проект-менаџерот на општина Алмопија Никос Цимас и проект-менаџерот на општина Неготино, Дени Трајков. Од страна на Олга Дојчиновска беше извршена презентација на предфизибилити студија за план за третман, по што следуваше отворена дискусија во која се вклучија дел од присутните на настанот.