Бислимоски: Ќе искористиме се што ни постoи како можност за да ја релаксираме цената на струјата

bislimoski
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Не сум приврзаник на каква било промена, односно зголемување на цената на електрична енергија. Се што постои како можност и тоа што го имаме на располагање ќе го искористиме за да можеме уште повеќе да ја релаксираме ситуацијата со цената на електрична енергија, порача денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски.

Нагласи дека примената на блоковите веќе дава резултати, намалена е потрошувачката, а и цената на електричната енергија на слободниот пазар е нешто пониска отколку што беше во изминатиот период.


-Барање за нова цена на струјата има поднесено Електродистрибуција за дистрибуција на електрична енергија, ЕВН Хоум и МЕМО во својство на оператор на пазар на електрична енергија. Преносниот систем оператор МЕПСО се уште нема поднесено барање за определување на цената за пренос на електрична енергија. Последниот рок е 31 мај и моите очекувања се дека тоа ќе биде направено до среда. Потоа, РКЕ ќе прави вообичаено анализи како што прави секоја година и ќе ги донесеме одлуките, изјави Бислимоски по завршувањето на Интерактивниот семинар за медиуми за најновите случувања во енергетскиот сектор во организација на РКЕ во соработка со Проектот на УСАИД – Поврзани за развој.

Од тоа што го имаме добиено, додаде, од Електродистрибуција бараат покачување за дистрибуција на електрична енергија од 32,13 проценти за вршење на нивната дејност – дистрибуција на електрична енергија.

-За операторот на пазарот на електрична енергија се уште не е обработено барањето, а додека ЕВН Хоум нема наведено колкава промена бара на цената и тоа е во ред, бидејќи ЕВН Хоум во текот на јуни треба да ја направи набавката на електричната енергија на тендерот којшто треба да го распише во текот на наредниот месец, а исто така не го знае колкав ќе биде трошокот за пренос и трошокот за дистрибуција на електрична енергија, појасни Бислимоски.

Во одговор на прашање посочи дека се уште траат анализите за воведување евтина дневна тарифа за струја и, како што рече, РКЕ во наредните 10 до 15 дена ќе ја информира јавноста кога точно и за кој период ќе започне примената на евтината тарифа. Додаде дека последните денови во текот на денот, во периодот од 10 до 16 часот, на берзата ХУПЕКС или има негативни цени на електричната енергија, кои се до минус 20 евра за мегават час или, пак, има цени многу блиску до нула.

-Јасно е дека евтината тарифа ќе биде воведена, односно ќе биде повторно вратена како што ветивме кога ја укинавме кога како држава бевме соочена со драматична енергетска криза и драматично високи цени. Воведувањето на евтината тарифа е само следење на пазарот на електрична енергија не само во Македонија, туку и во регионот. Нема никаква политика. Единствена цел ни е во тој период, во тие два часа, да испратиме сигнал да се купува евтина електрична енергија од фотоволтаиците и за сметка на тоа да се заштеди водата како многу битен ресурс и исто така, да се заштити јагленот. Да си ја чуваме водата и да си го чуваме јагленот затоа што ни претстои нова грејна сезона и треба и тогаш да бидеме подготвени и да си обезбедиме електричната енергија како што ја направивме изминатата година пред се од домашно производство, посочи Бислимоски.

Нагласи дека и во зимскиот период во текот на денот на берзите ќе има пониска цена на електричната енергија заради зголеменото производство од фотоволтаици во Европа, но и кај нас. До крајот на годинава очекува во земјава да има фотоволтаици со инсталирана моќ од 250 до 300 мегавати.

-Ги правиме последните анализи. Ги гледаме и кои се случувањата на берзата, јасно е дека евтината дневна тарифа ќе биде во периодот од 11 до 16 часот, но точно кои два часа ќе бидат ќе ни покажат последните анализи кои ги правиме со цел да важи период кога имаме реално најниски цени на пазарот на електрична енергија и во Македонија, а и во регионот, истакна Бислимоски.

Нагласи дека сите граѓани нема одеднаш да добијат евтина дневна струја, бидејќи ќе треба ЕВН да ги прилагоди броилата од кои најголем дел немаат далечинско отчитување и за сите ќе треба да се излезе на терен за да се променат.

-Очекуваме од операторот на дистрибутивниот систем со којшто држевме веќе неколку состаноци да ни каже точни претпоставки како ќе оди промената на софтверот на броилата бидејќи, за разлика од претходно сега во скапата тарифа имаме четири посебни блока, односно четири посебни цени, дали ќе треба софтверска промена да се прави на броилата, а сигурно ќе треба да се направи и промена на билинг системот имајќи во предвид дека одредена количина на електрична енергија во билингот треба да се интервенира бидејќи нема да биде во ниту еден од блоковите, туку ќе отиде во евтината тарифа, прецизира Бислимоски.

На прашање како ќе влијае евентуалното зголемување на ДДВ-то за стујата од 10 на 18 отсто од први јули годинава врз цената на електричната енергија, посочи дека РКЕ кога ги носи своите цени, носи цени без ДДВ, така што врз нивната одлука тоа ќе нема никакво влијание.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK