Сирени за воздушни напади, солзавец и наводно детонации и истрели од огнено оружје денеска одекнаа во четири општини на северот на Косово, претежно населени со Срби, на денот кога градоначалници од албанска националност требаше да стапат на должност.
Претседателот и врховен командант на вооружените сили на Србија, Александар Вучиќ, потпишаа наредба за подигање на борбената готовност на единиците на српските вооружени сили на највисоко ниво и им нареди итно да тргнат на административна линија со Косово и Метохија, соопшти министерот за одбрана Милош Вучевиќ.
Групи граѓани во утринските часови се собраа пред зградите на институциите во четири општини со мнозинско српско население – Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ, но и во северниот дел на Косовска Митровица, пренесува порталот Коссев.
Во тие три општини беше планирано денеска да стапат на должност градоначалниците од албанска националност, победници на априлските избори, кои беа масовно бојкотирани од Србите.
Косовската полиција потврди дека им „помага на градоначалниците“ на овие места да го „остварат правото на работа“.
Новоизбраните градоначалници дадоа заклетва на 20 мај, а претходно имаше полемики дали ќе можат да пристапат до канцелариите кои претходно ги користеа градоначалниците од Српската листа, најсилната политичка партија на Србите, која има поддршка од Белград.
Минатата недела Ерден Атиќ положи заклетва како нов градоначалник на северниот дел на Косовска Митровица, а истиот ден на општинската зграда беа поставени косовски знамиња.
Претставниците на Српската листа го нарекоа неговото назначување „почеток на окупацијата“ на северно Косово.
На крајот на април, овие четири општини добија нови градоначалници од албанска националност, на локалните избори кои беа масовно бојкотирани од косовските Срби.
Немирите се случуваат на денот кога дел од Србите од Косово отпатуваа во Белград за да учествуваат на митингот „Србија на надежта“ организиран од владејачката Српска напредна партија (СНС), предводена од Александар Вучиќ, претседателот на Србија.
Што се случи?
Коссев известува дека во тек се инциденти во Звечан каде, како што е соопштено, состојбата е најсериозна, но и во Лепосавиќ и Зубин Поток.
Во Звечан изутрината биле употребени и солзавец и шок бомби, а наводно се слушале и истрели, јави Коссев.
Во северниот дел на Косовска Митровица во првиот дел од денот беше мирно, а потоа се огласи сирената за тревога, додека околу општината се собраа вработени кои сакаа да го спречат влезот на новоизбраните градоначалници.
Присутни се полициски сили со полициски џипови, цивилни возила и редовна полиција.
Пред сите општински згради се распоредени возила на ЕУЛЕКС – меѓународната полиција под управа на ЕУ.
Зошто Србите ги бојкотираа изборите?
Општините на северот на Косово со мнозинско население се без градоначалник од ноември, бидејќи Србите незадоволни од севкупната состојба се повлекоа од сите локални институции.
Вонредните избори, после одложување, се одржаа на 23 април годинава, а вкупно гласале само нешто повеќе од 1.500 гласачи од 45.950 запишани избирачи.
Од нив гласаа само 13 Срби, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ веднаш по изборите, укажувајќи на нивната целосна нелегитимност.
Тој додаде дека и никогаш до сега не е забележано дека гласањето се организира во контејнери поставени и обезбедени од полицијата.
Нагласувајќи дека „вакво нешто во европската историја не се случило од Втората светска војна“, Вучиќ заклучи дека изборите биле „пораз за косовскиот премиер Албин Курти и Квинтата“, која ја сочинуваат Америка, Велика Британија, Германија, Франција и Италија.
Косовскиот премиер Албин Курти по изборите изјави дека новоизбраните претставници ќе бидат „во служба на сите граѓани“, додека во Белград изборите беа наречени „мрак на демократијата“.
Српската листа, која ја има поддршката од Белград, претходно најави дека нема да учествува на изборите за градоначалници на северниот дел на Косовска Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток, незадоволна од положбата на Србите на Косово, но пред сè поради одбивањето на властите во Приштина да формираат Заедница на српски општини (ЗСО).
ЗСО беше предвидена со Бриселскиот договор потпишан пред десет години, но до денес не е формирана.
Оваа заедница е предвидена и со неодамнешниот договор меѓу Белград и Приштина, со посредство на ЕУ, постигнат во македонскиот град Охрид.
Додека Србија сè уште инсистира на формирање Заедница на српски општини, албанската страна бара признавање на Косово, односно тоа да бидат два паралелни процеси.