Амбасадорот Каскарелис е новиот шеф на дипломатијата во службената Влада на Грција

Grcija vlada
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Наша главна грижа е и ќе остане ефикасната одбрана на нашите национални интереси, порача почесниот амбасадор Василис Каскарелис, откако и официјално ја презеде функцијата министер за надворешни работи во службената Влада на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Во грчкото МНР, сега веќе, поранешниот шеф на дипломатијата Никос Дендиас му ја предаде должноста на Каскарелис и во кусото обраќање пред присутнитесе осврна на надворешната политика во изминатите четири години додека беше на функција.


Дендиас рече дека работеле целосно посветени на меѓународното и морското право и секогаш имајќи го дијалогот како средство за решавање на разликите.

Се осврна на потпишаните меѓународни стратешки договори, како и на оние за одредување на Ексклузивните морски зони, но и на односите со Турција за кои рече дека е создаден прозорец на можност, изразувајќи желба дека „овој мал прозорец може да стане голема порта“.

Новиот шеф на дипломатијата истакна дека многупати досега се нашол во Министерството за надворешни работи, но прв пат е во улога на министер, посочувајќи дека по 40 години се враќа во неговиот, како што рече, втор дом.

-Мојата цел е да се гарантира беспекорното меѓународно претставување на земјата и целосно да одговориме на нашите меѓународни обврски на билатерално ниво, како и на ниво на меѓународните организации и иницијативи. Се подразбира дека главна грижа на сите нас е и ќе остане ефикасната одбрана на нашите национални интереси, истакна новиот грчки МНР во службената Влада.

Каскарелис е почесен амбасадор, поранешен постојан претставник на Грција во ОН, во НАТО, како и во ЕУ, но и поранешен грчки амбасадор во САД, а на позцијата службен министер за надворешни работи ќе биде до изборите на 25 јуни.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK