ССМ и СГИП, се сериозно загрижени од информациите дека владејачкото мнозинство во Собранието ќе ги донесе брзите измени од пакет законите меѓу кои и Законот за работните односи. За таа цел најостро се спротиставуваме на намерата, по завршувањето на 116 седница посветена на пратенички прашања, за кога е закажана и планира да ја започне 115 седница на Собранието за да го помине Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за работните односи, по скратена постапка и да го воведе 72 часовното неделно работно време и на тој начин во македонската историја да биде испишан црн петок на кој се погази човечкото и работничкото достоинство и покрај укажувањата на сите релевантни чинители во општеството, меѓународни организации и синдикати, Европската комисија како и граѓаните и синдикатите во Македонија.
Пратениците од помалите политички партии да не дозволат да направат кворум на седницата на која ќе се изврши директен напад врз работничките права и работничките животи како што нема случај во светот.
Пратениците да немаат двојни стандарди кон Одлуките на Уставниот суд и да ја почитуваат и да не ја коментираат Одлуката за зголемувањето на нивните плати за 78%, а да ја коментираат, не почитуваат и погазуваат Одлуката на Уставниот суд за спречување на намерата за воведување на работно време кое го нема во ниту една друга држава, па дури ни во оние земји од третиот свет.
Дали гласот за воведување на 72 часовна работна недела треба да значи и глас за распуштање на Собранието?
Сојуз на синдикатите на Македонија