Македонскиот енергетски форум на едно место ќе ги собере високите владини претставници од земјава и од регионот, амбасадори, претставници од меѓународни организации и фондови, активисти и експерти од областа на енергетиката со цел да се поттикне дијалог и да се разменат идеи и иницијативи за подобрување на општеството, беше истакнато на денешниот брифинг за новинари во пресрет на шестиот Македонски енергетски форум насловен „Подобрување на триаголникот „Политики-финансиска-енергетска технологија“ за енергетска отпорност и зелена транзиција“, што ќе се одржи во вторник и среда во Скопје.
– Форумот е заедничка иницијатива на ЗИП Институтот, Владата на Република Северна Македонија и делегацијата на ЕУ во земјава. Исто така, МЕФ е организиран и има голема поддршка од Фондацијата „Фридрих Еберт“, којашто постојано поддржува и вложува во иницијативи поврзани со енергетските политики, промовирање на зелената агенда и алтернативни решенија. Потврда за тоа е Социо-еколошкиот форум, кој веќе го организираме втора година, информираше проект координаторката на Фондацијата „Фридрих Еберт“, Ивана Вучкова.
Како што појасни таа, форумот ќе започне во вторник со воведните излагања на извршниот директор на ЗИП Институтот, Агим Селами, директорот на Фондацијата „Отворено општество“, Анди Добруши, амбасадорот на Европската Унија во земјава Дејвид Гир, амбасадорката на САД, Ангела Агелер, специјалниот претставник на премиерот на Обединетото Кралство за трговија со Западен Балкан, Мартин Викерс и вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи. На првиот ден од форумот предвидени се три панел дискусии.
На вториот ден од одржувањето на настанот, на самото отворање, предвидено е да се обратат шефот на државата Стево Пендаровски и поранешниот претседател на Хрватска, Стјепан Месиќ. За овој ден, исто така, предвидени се три панел дискусии, каде ќе се дискутира за енергетските политики.
Олимпија Христовска Заевска, членка на Организацискиот комитет на Македонскиот енергетски форум, зборуваше околу моменталната состојба на енергетската индустрија и нејзините идни перспективи.
– Тоа што јас особено го читам и директно и меѓу редови, од многу светски енергетски заедници, значи и на Меѓународната енергетска агенција и на агенциите што работат на енергетиката, тоа е дека технологијата е понапред, отколку политичката технологија или политиките. Значи ги имаме веќе на располагање, се развиваат и батериски систем, се развиваат и фотоволтаици, нели, знаеме дека може да произведуваат и електрична енергија, меѓутоа да ја греат и водата во исто време. Значи, технологијата е доста понапред, меѓутоа државите имаат помалку она што викаме заостанување, да се фатат во чекор со тоа, како да ги направиме законите, подзаконските акти, за да може всушност да се работи со овие технологии, што треба на крајот на денот да направат енергијата достапна за сите, особено за оние кои се најранливи категории, рече меѓу другото, Христовска Заевска.
Како што додаде таа, државава има своја индустриска политика, каде што доста се застапени заложби за креирање на зелени работни места, за поддршка на сѐ повеќе истражувања и развој во нашите универзитети за да можат да ја поддржат и тие да се во чекор со светските технологии.
– Меѓутоа и многу важен процес кој се одвива во државата е процесот на специјализација, токму таа политика и има помогнато на ЕУ земјите и на нивните региони, колку-толку рамномерно да се развијат и да не биде урбани или клучни метрополитски делови од државите. Тоа го има тука и она што за нас е важно на овој форум, е токму да ги поттикнеме тие различни актери и оние на енергетика, меѓутоа и оние кои работат на економски развој, оние кои работат со ранливите категории и оние кои работат со финансискиот дел, коишто всушност треба да го дизајнираат финансиските инструменти да работат заеднички, бидејќи од она што ние го гледаме, голем предизвик е координацијата. Не толку дали постојат елементите, туку координацијата, посочи таа.
Христовска Заевска се осврна и на женскиот аспект со цел да види со што се соочуваат жените во енергетските компании.
– Во јавните претпријатија ги гледаме на многу позиции, но не се често на оние најклучните позиции, каде што се носат одлуките, меѓутоа она што ме радува во државата, ако ги прашате на катедрите, сѐ повеќе има жени како електроинженери. Соодносот е педесет-педесет во делот на електроинженери. Така што, ова ни дава надеж дека во следните технологии, во следните политики, исто така многу повеќе ќе бидат вклучени жените. Поентата не е жените да го преземат, но кога ние велиме инклузивност, велиме да бидеме претставени онака како што сме и во реалноста, да бидеме пола- пола, додаде Христовска Заевска.
Извршниот директор на ЗИП Институтот, Агим Селами посочи дека форумот расте како бренд и оти тој е нешто за што државата треба да се гордее, бидејќи успева да собере на едно место многу важни чинители од сферата на енергетиката.
– Листата на говорници вклучува битни личности од регионот на Балканот и од ЕУ, меѓутоа годинава имаме говорници и од Кувајт. Во однос на панелите, многу е битно што им се дава посебен простор и на жените во енергетиката, на студентите, на граѓанските организации, подвлече Селами.
Во однос на енергетската сиромаштија Вучкова нагласи дека кај нас таа се дефинира и пресметува како недостиг на топлина во текот на зимските услови.
– Меѓутоа, енергетската сиромаштија значи многу повеќе од тоа. Бидејќи оваа дефиниција не ги зема предвид топлите летни денови со што ние како регион сѐ повеќе се соочуваме, не ги зема предвид ни цените на струјата, на греењето, тие се значително пониски отколку во регионот и други западни европски земји, бидејќи се субвенционирани. Сепак, тие кога учествуваат во месечната потрошувачка кошничка на граѓаните, прават доста висок износ. И на тој начин, дури граѓаните коишто се во можност да ги покријат овие трошоци, не се во можност да задоволат други потреби. Постојат повеќе параметри за да имаме една што се вели поинклузивна, поширока дефиниција, која што на вистински начин би пристапила на енергетската сиромаштија, изјави Вучкова.
Според неа, при тоа мора да се земе предвид и родовиот аспект, бидејќи ние сѐ уште сме на некој начин традиционално општество, каде жените поминуваат многу повеќе време во домот и се соочуваат со користење на какви било апарати за греење, готвење, подготвување на храна.
– Аспект којшто е важен во тоа како високата научна литература ја дефинира енергетската сиромаштија, е користењето на технологии коишто не предизвикуваат загадување, како надвор, така и во домот. А, ние знаеме дека како општество сѐ уште се служиме со огревно дрво и тоа предизвикува загадување во домот на граѓаните и на тој начин влијае на здравјето, особено на оние коишто се подиректно вклучени, а тоа се секако жените, децата и повозрасните лица, одговори меѓу другото, додаде таа.
Христовска Заевска се осврна на неискористеноста на мерките за поддршка, како оние за поставување на инвертери.
– Ние гледаме мерки за енергетска ефикасност, што значи енергетска ефикасност, да се изреновира еден дом, а сѐ со цел да не се губи топлинската енергија. Меѓутоа, вие имате граѓани кои немаат што да реновираат. До толку живеат во супстандардни услови, каде тие субвенции се неефикасни. Тука ние исто така сакаме, разговараме за тоа, какви мерки дизајнираме нели, за навистина да имаат логика и ефект во она што ни се случува во државата и она што е важно да го разговараме на форумот. Република Северна Македонија е посветена да го направи она преминот – јаглен кон чисти енергии. Во нашите стратешки документи имаме јасен рок, а тоа е 2030 година, додаде Христовска Заевска.