Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) е подготвена да го поддржи спроведувањето на договорите меѓу Белград и Приштина постигнати во рамките на нивниот дијалог со посредство на ЕУ, порача денеска претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи Бујар Османи по средбата во Приштина со косовската претседателка Вјоса Османи-Садриу.
Како што соопшти МНР, Османи изрази благодарност за силното партнерство и добрите односи на земјава со косовските институции кои траат повеќе од 20 години, истакнувајќи дека е важно да се намалат тензиите на теренот во северно Косово за да се даде простор на политичкиот процес на дијалогот со посредство на ЕУ, кој ОБСЕ силно го поддржува.
– Дијалогот предводен од ЕУ, има потенцијал да придонесе за регионалната стабилност. Охрабрен сум од неодамнешниот напредок, вклучително и одобрувањето на Декларацијата за исчезнати лица, потенцираше Османи.
Шефот на дипломатијата оцени дека косовските институции и заедници „постигнале извонреден напредок во промовирањето на функционални демократски институции, човековите права и владеењето на правото“, нагласувајќи дека дополнително ги охрабрил властите во Приштина да се осврнат на ОБСЕ како важен ресурс во дизајнирањето и спроведувањето на реформи.
– За нас е клучно решително да свртиме нова страница и заедно да погледнеме кон иднината. Напорите кои целат кон регионална соработка покажаа колку е важно да се остане близок и да се работи заедно. Дијалог и соработката треба да бидат императив за сите, порача Османи.
Како што се додава во соопштението Османи за време на посетата на Приштина посебно внимание посветил на младите и нивниот развој, кои, според него, мора да бидат мостот кон посветла иднина. Тој посочи дека корупцијата и климатските промени се особено сериозна закана за следните генерации, па затоа младите мора да бидат активно вклучена во соочувањето со овие предизвици на одржлив начин.