Спасевска, кандидат за ректор: УКИМ не се наметна во креирањето на националните образовни политики и затоа образованието трпи

Спасевска фото
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

„Како голема и влијателна институција УКИМ не се наметна во креирањето на националните образовни и научни политики. Овие триесет години дозволивме образованието да трпи со носењето на брзи и неиздржани законски решенија.

Не се изборивме за финансиска автономија, заеднички со државата да планираме нашиот буџет на мерливи критериуми што овозможуваат квалитетно образование и наука. Образованието на секој граѓанин е загарантирано право со устав, но денес ниту државата, ниту академската средина немаат претстава, со бројки, колку чини квалитетно образование и наука, за да кажеме дека со буџетот што го добиваме не може да постигнуваме врвни резултати. Од ректорот направивме моќна фигура со дискрециони права. Напротив, ректорот не треба да биде моќна фигура, УКИМ со сите професори и студенти, треба да биде моќен”, вели професорката Христина Спасевска, кандидат за ректор на УКИМ во интервју за Прес24.


Запрашана на што се должи континуираниот пад на довербата и на се пониското рангирање на УКИМ на светските листи на универзитети, Спасевска вели дека УКИМ затаи во координираното носење на ставови и политики, со исклучително почитување на автономијата на секој универзитетски професор да твори и дејствува.

„Ова се одрази и на нашето меѓународно рангирање. Голем универзитет во мала држава мора да има сопствена долгорочна политика и механизми за развој, кои ќе ги наметне на државата. Поинаку не може, затоа што секогаш ќе чекаме некој нов министер или нова владина одлука да ни ја подобри состојбата. Мора да се донесе долгорочна универзитетска стратегија за развој, која веднаш ќе се применува и ќе даде резултати”, додава таа.

Потребно е градење партнерски однос со државните институции, невладините организации, како и опозицијата, нагласува професорката Спасевска, а со цел давање поддршка на идеи кои се во контекст на подобрување на образовните политики и општеството во целина. Враќањето на рејтингот на УКИМ за лидер на секое поле е приоритет на којшто активно ќе се посвети, преку системски решенија преточени во правила и прописи.

„Во мојата програма има предлози за системски решенија, преточени во правила и прописи, за распределба на буџетските и интегративните средства и распределба на плановите, кои сега не постојат, па со еден ослободен пристап ќе се намалат дискреционите права и моќта на ректорот. Истиот модел за распределба на финансиите ќе го понудиме на државата што ќе овозможи намалување и на нејзиното влијание врз високото образование. Во соработка со националните институции задолжени за тоа, ќе се наметнеме во креирањето на одржливи политики за високото образование особено, во кои точно со бројки ќе се знае што значи финансирање на квалитетно образование и наука. Истовремено ќе направиме внатрешна прераспределба на сопствените средства за зголемување на меѓународната соработка, тука ќе влезат 5% од средствата што се зафаќаат од проектите, а сега ги зема дел од управата и од намалувањето на ректорскиот додаток. Така преку дефинирана поддршка на голем број на апликации во меѓународни проектни програми ќе обезбедиме дополнителни средства кои можат да бидат значителни во однос на нашиот сегашен буџет”, вели Спасевска.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK