– Кавадарци и Вардарски регион со години чекаат граничен премин кон Грција. Преминот што ни го ветуваат политичарите, „се отвaра” само пред избори, коментираат за МИА, поединци што одамна сонуваат за граничен премин Пулевац.
Пред многу години жители на кавадаречките поткожувски села без проблем оделе на пазар во Солун, преку планината Кожуф. Со години заинтересирани од двете страни на македонско – грчката граница, сонуваат и копнеат за отворање нов граничен премин што ќе ја подобри комуникацијата на луѓето од двете земји. Поминаа многу политички изборни циклуси, во кои се добиваа гласови токму на ова прашање. Со отворање на граничен премин, патната разделеност меѓу Кавадарци и Едеса би се свела на стотина, од сегашните 200 километри, кои сега се патуваат преку Гевгелија и Битола. Целта е преку проект финансиран со европски пари, да се отвори овој премин заради поголема комуникација и соработка меѓу населението од двете земји, како и поголема размена на туристи.
Општина Кавадарци подолго време презема иницијативи и активности за отворање нов граничен премин на нејзина територија, изјавија за МИА, од кавадаречката локална самоуправа.
– Перфектура Пела од грчка страна е единствена перфектура која нема граничен премин, а исто така и Вардарскиот плански регион е единствениот кој нема пограничен премин. Исто така, зголемени се и активностите од страна на Република Грција за граничниот премин Варос-Кајмакчалан за перфектура Пела. За да се потврди и зајакне оваа активност, градоначалникот Митко Јанчев оствари две поединечни средби со пратениците Јанис Сифакис и Теодора Ѕсакири од соседна Грција, кои исто така изразија заеднички интерес за поддршка на оваа идеја за нов пограничен премин. Собранието на Република Северна Македонија донесе Закон за ратификација на спогодбата меѓу Република Северна Македонија и Република Грција за отворање на нов пограничен премин меѓу двете земји, кој ќе ги поврзува Мајден во Република Северна Македонија и Промахои во Република Грција, се вели во писмениот одговор од локалната самоуправа.
Оттаму појаснуваат дека Општина Кавадарци има изработено пред – физибилити студија за подобрување, ревитализација на патниот и граничен премин во Ворас/Кајмакчалан -Кожув(Пулевац).
– Овој проект би имал огромно влијание врз економскиот развој на општината Кавадарци, но пред се и на жителите и компаниите кои живеат и делуваат во овој пограничен регион, како и олеснување на прометот на стоки и услуги во овој пограничен регион. Општина Кавадарци ќе продолжи со засилено темпо да ги реализира сите започнати активности, со цел отворање на овој пограничен премин, со кој ќе имаме огромно влијание на севкупниот економски развој во оваа погранична област, додаваат од локалната самоуправа.
Со цел објективно информирање, МИА испрати неколку прашања во врска со оваа тема, до портпаролот на Влада на Република Северна Македонија. Во пишаниот одговор се посочува дека после потпишувањето на Спогодбата меѓу Република Северна Македонија и Република Грција за отворање нов граничен премин меѓу двете земји, кој ќе ги поврзува Мајден во Република Северна Македонија и Промахои во Република Грција (02.04.2019 година во Скопје), активностите се насочени кон средбата на заедничка техничка работна група, околу постапувањето по техничките (коти, неасфалтирани земјени патишта) и финансиските прашања поврзани со проектот.
– Во текот на 2022 година, се изврши посета од страна на Комисијата за отворање на гранични премини на Република Северна Македонија со соседните држави, во Општина Кавадарци, при што е констатирано дека формираната мешовита работна група од двете страни да остварат средба, со цел да се олесни постапувањето по техничките прашања (коти, неасфалтирани земјени патишта), како и околу финансиските прашања поврзани со проектот. Исто така, како и теренска посета на самиот граничен премин „Мајден/Промахои“, при што беше извршен увид на патната инфраструктура и беше констатирано дека треба да се изврши рехабилитација на дел од државен пат делница Мрежичко – Рожден, кој се разгледува да биде реализирано од Македонија пат и да се изврши изградба на дел од државен пат делница Рожден – Мајден – ГП Пулевац за што потребно е претходно да се изработи целосна техничка документација (проект за инфраструктура и основен проект), кое е предвидено во годишниот план за јавни набавки за 2023 година на ЈПДП, се наведува во одговорот од канцеларијата на портпаролот на Владата.
Во пишаниот одговор стои дека е побарано во Програмата за изработка на урбанистичка планска документација за 2023 година на Министерството за транспорт и врски, да биде предвидена и изработка на урбанистички план за предметниот граничен премин, при што урбанистичкиот план ќе биде изработен од страна на Агенцијата за планирање на просторот, во кој треба да се дефинира типот, опфатот и објектите на граничниот премин. Притоа се укажува дека, во фазата во кој се наоѓа проектот, неблагодарно е да се лицитира со временски рокови или начинот на финансирање за предметниот граничен премин.
Отворањето на граничниот премин ќе придонесе за поголема комуникација и соработка меѓу населението од двете земји
Низ годините се покажува потребата од граничен премин на кавадаречка територија, укажуваат голем број познавачи на состојбата, но и жителите на пограничните населени места. Активностите се интензивираат последните неколку години. На трети септември 2016 година, во Кавадарци се разговараше за нов граничен премин кон соседна Грција. Целта е двете држави и двата народа да соработуваат и да бележат заеднички економски резултати. Да му се даде на локалното население бенефит и можности за повеќе бизнис активности.
Поранешниот претседател на Совет на општина Кавадарци, Ристо Сакалиев, за МИА изјави, дека Кавадарци и Едеса прават напори во рамки на прекуграничната соработка, да го отворат граничниот премин Пулевац на Кожуф планина.
– Во 2018 година бев дел од кавадаречките претставници кои заедно со гости од Грција, беа на лице место и ја согледаа состојбата на терен. Со мене беа вработени во општинскиот сектор за локален економски развој и претставници од граничната полиција. Имавме и хеликоптерска придружба. Резултатите од она што е регистрирано на терен, од двете страни на границата, со осврт на тоа што е потребно да направат двете држави во иднина, беа доставени до надлежните органи на национално ниво во двете земји. Целта ни е преку проект финансиран со европски пари, да го отвориме овој премин кој е дамнешна желба на жителите од Тиквешијата. Заради поголема комуникација и соработка меѓу населението од двете земји, како и поголема размена на туристи, нагласува Сакалиев, актуелен советник во општинскиот Совет.
-Ние сме на само неколку километри од грчката граница, со едната нога сме во ЕУ, коментираат жители од поткожувското село Мајден, во кое е и светски познатиот рудник Алшар, како и тиквешани кои потекнуваат од таму и одат за викенди и празници.
Со отворање на граничен премин, патната разделеност меѓу Кавадарци и Едеса би се свела на стотина, од сегашните 200 километри, кои сега се патуваат преку Гевгелија и Битола.
Тодор Ефремов, секретар во кавадаречката локална самоуправа, во изјава за МИА, вели дека Кавадарци има голем интерес за пограничниот премин Пулевац да биде отворен. Направиле скрининг на теренот. Убедени се дека овој пограничен премин ќе има големо и значајно влијание врз локалниот економски развој на Кавадарци, како една од најразвиените општини во државата. Ќе има исто така и зголемен проток на стоки и услуги. Тоа се, додава, двата двигатела на локалниот економски развој. Ова е особено значајно и за развојот на туризмот. Тој нагласува дека на Кожуф веќе постои стар воен пат, направен од калдрма.
– Претпоставувам дека своевремено се користел, бидејќи тука поминувала една од најважните раскрсници, Виа игнација, која ги поврзувала двата региона, вели тој.
Ефремов смета дека е вистински момент за оваа иницијатива, имајќи го во предвид политичкиот момент на приближување и потпишувањето на договорот од Преспа. Овој премин дополнително би ги доближил двата народа.
Едни го викаат Пулевац, а други, Пуљевац. Голем дел од соговорниците на МИА, се децидни дека не е важно како е правилно, важно е преминот конечно да биде отворен за доброто на луѓето од двете страни на границата. Некои од нив и сега, иако нема премин, се среќаваат на граничната линија. Знаат да „врзат” муабет, да наздрават за здравје и среќа и за добрососедство. Има луѓе кои потекнуваат од блиските села од двете земји, планинари, ловџии, кои ги одржуваат пријателствата низ годините. Се среќаваат, разменуваат искуства. Знаат да ја поделат последната голтка, радоста, тагата.
Светлана Дарудова