Руски сили во последните неколку недели воспоставуваат одбранбени позиции во и околу нуклеарната централа Запорожје во јужна Украина, изјавиле четворица сведоци.
Околу окупираниот град Енерходар, каде се наоѓа најголемата нуклеарна централа во Европа, руски војници ископале нови ровови и поставиле мински полиња. Надзорните камери во самата нуклеарна централа се насочени кон север, кон територијата контролирана од украинските сили.
Како што пренесуваат светските агенции, руските сили пред неколку месеци поставиле оружје на некои од покривите на нуклеарната централа. Тие поставиле и мрежи околу нив за да спречат евентуални напади со дронови.
Двајца Украинци кои работат во централата и уште двајца жители на Енерходар одлучиле да зборуваат за руските воени мерки во и околу нуклеарната централа, но побарале да бидат анонимни затоа што се плашеле за сопствената безбедност во градот кој е под руска окупација.
Петро Котин, директор на украинската државна нуклеарна агенција Енергоатом, изјави дека не верува оти украинската војска директно ќе ја нападне централата, но може да се обиде да ги принуди Русите да бегаат со прекин на линиите за снабдување.
Руските сили ја зазедоа нуклеарната централа Запорожје во првите денови од инвазијата врз Украина.