Премиерот и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски во обраќање пред членовите на партискиот Централен одбор синоќа порача дека од национален, регионален и глобален контекст е значајно продолжувањето на европскиот пат на земјата и ги потенцираше ризиците за иднината на земјата доколку не продолжат евро-интеграциите.
ЦО на СДСМ го задолжи Ковачевски да ги спроведе сите неопходни разговори и чекори за Северна Македонија да го продолжи европскиот пат.
-Нашите стратешки партнери САД препознаваат колку е важно во национален, регионален, но и во глобален контекст Северна Македонија да продолжи со евроинтеграциите кои се веќе започнати. На средбите и Блинкен и Ескобар недвосмислено потврдија дека евроинтеграциите на земјава се неповратен процес. Токму затоа и изразија загриженост врзана со блокадата на опозицијата. Доколку ние не продолжиме по европскиот пат, доколку не ги направиме следните чекори, евроинтеграцијата ќе запре и ние повторно ќе се најдеме во состојба на стагнација како онаа што ја имавме цели 10 години до 2016. Тоа е многу опасно за нашата земја, за нејзината иднина, рече Ковачевски.
Посочувајќи дека воопшто не беше лесен патот до тука изминативе години, Ковачевски укажа дека ова е прв пат блокадата да не доаѓа од надвор, туку, како што рече, од внатре, од дома, од опозицијата која дефакто е против сите процеси кои ја носат државата напред.
Ова, потенцираше Ковачевски, е најдобриот договор што ние можеме да го добиеме, и тука не треба да има дилема.
-Можеби ВМРО ДПМНЕ ќе соберат капацитет за да можат да го согледаат сето ова како целина. Иако, до денес како дел од анти европскиот блок предводен од проруската Левица и со константно блокирање, јасно е како е позиционирана оваа партија. Но од друга страна, јасно е дека во ВМРО-ДПМНЕ има поединци, пратеници, претставници на раководството кои не мислат како Мицкоски и кои искрено, од срце сакаат земјава да го продолжи патот кон ЕУ. Сакаат да бидат дел од проевропскиот блок. И тие поединци мислам дека многу брзо ќе го остават Мицковски на последната станица и ќе продолжат на возот кон Европа. СДСМ е предводник на овој европски концепт за европска иднина. И тоа така ќе биде. Или ВМРО ДПМНЕ ќе се приклучи кон проевропскиот блок цела, или во делови. Во секој случај, возот е тргнат и враќање назад нема. Сум го кажал ова, и ќе го кажам пак, Северна Македонија ќе оди напред и ние ќе ја исполниме нашата стратешка цел – полноправно членство во ЕУ, рече Ковачевски.
Тој истакна дека на средбите кои ги имал во САД со високите државни претставници е добиена силна и недвосмислена поддршка за европскиот пат на Северна Македонија.
-Тоа е наш национален интерес поставен уште од независноста, но во актуелниот момент тоа значи трајно обезбедување европска и регионална стабилност. Како што имавме и за НАТО. САД се покрај нас од самиот почеток и таа помош не доаѓаше само декларативно туку беше целосна помош, многу финансии, многу средства ивестирани во реформи во многу области во земјата, од судски реформи, безбедносни реформи, во економијата, полицијата итн, наведе Ковачевски.