Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) денеска ја објави третата група од новите партнер – општини на Проектот за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите. Градоначалниците на дваесет и четири општини потпишаа Меморандум за соработка и се обврзаа на унапредување на своите капацитети за ефикасно прибирање на приходите од сопствени извори, подобрување на квалитетот на локалните даночни системи, зајакнување на оперативниот капацитет на даночната администрација и подобрување на способностите на
локалните власти за планирање, управување и спроведување на јавните средства.
Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов на чинот на презентирање на резултатите од проектот на УСАИД за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите „Партнерство за поефикасни општини“ потенцираше дека сите општини вклучени во првата фаза на проектот ја имаат зголемено стапката на наплата на данокот на имот во просек за 34,5 отсто, што придонесува за зголемување на стапката на наплата на сопствените приходи за околу 25 отсто.
-По алармирањето на некои општини и на градот Скопје дека немаат целосни бази на податоци на даночни обврзници на данок на имот, Министерството за локална самоуправа во соработка со Проектот на УСАИД иницираше конкретни активности за целосна поддршка на општините за подобрување на нивните капацитети за наплата на данокот на имот. Крајно време е да се надминат детските болести. Данокот на имот, наплатата и користењето на средствата во целост е локална надлежност и одговорност. Тоа се пари од граѓаните за граѓаните. Не ја амнестирам централната власт, но, не може одговорностите да се земаат или оставаат според сопствени желби и проценки, рече Пенов.
Тој додаде дека за таа цел, е формирана посебна работна група со претставници од министерствата за финансии, за локална самоуправа, за транспорт и врски, од Агенција за катастар на недвижности, Државен завод за ревизија, Комисијата за локална самоуправа на Парламентот, ЗЕЛС, град Скопје и општините Илинден и Тетово, која во наредниот период ќе предложи конкретни законски и подзаконски решенија како и начини за размена на податоци меѓу надлежните институции и општините.
Пенов посочи дека Владата, со конкретни мерки го подобри системот на финансирање на локалната самоуправа, зголемени се приходите од данокот на додадена вредност и од персоналниот данок, а со новиот начин на распределба на средствата преку инструментите за перформанси и за еквилизација, се обезбедува поправедна дистрибуција на средствата. Очекува дека крајот на 2023 година ќе ги покаже ефектите од овие мерки.
Претставничката на канцеларијата на УСАИД во земјава, Џери Дајбл, истакна дека локални лидери, заедно со централната власт, имаат клучна улога во процесот на децентрализацијата и мора да работиат заедно за да ги решат најважните прашања кои го спречуваат локалниот развој, ги оневозможуваат квалитетните општински услуги и ја попречуваат фискалната независност.
-Иако ние сме ваш партнер и сојузник, ваша е одговорноста да се справите со овие предизвици. Исто така свесни сме дека не секогаш постои едно единствено и најефикасно решение за сите сложени развојни предизвици со кои се соочувате. Затоа нашата програма дава приоритет на вашето лидерство и вашето знаење во идентификување на вашите единствени предизвици и имплементација на решенија кои одговараат, рече Дајбл.
На настанот се обрати и министерот за финансии, Фатмир Бесими, а им се оддаде признание и на 15-те партнер општини од првата група, кои во изминатите 18 месеци со поддршка од Проектот за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите успеаја да ги подобрат своите административни капацитети за управување со општински јавни финансии, планирање и извршување на буџетот, фискална транспарентност и отчетност, планирање и прибирање на приходи од сопствени извори, пристап до надворешно финансирање, и подобра соработка со приватниот сектор.
Проектот на УСАИД за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите е петгодишен проект (2021-2026) кој им помага на владините институции во земјава да ги обезбедат и самостојно да управуваат со ресурсите потребни за финансирање на услугите што ги бараат нејзините граѓани. За да ја постигне оваа цел, Проектот обезбедува техничка поддршка прилагодена на потребите на секоја партнер општина, и воедно тесно соработува со Министерството за финансии
и Министерството за локална самоуправа.