Промовирана книгата „Политичка партиципација на лицата со попреченост“ од Теодор Богоевски

pol kniga
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Промоција на книгата „Политичка партиципација на лицата со попреченост“ од м-р Теодор Богоевски се одржа денеска во Музејот на соверемена уметност во Скопје. На промоцијата присуствуваа претседателот на државата Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, пратеници, професори и други гости.







Претседателот Пендаровски изрази надеж дека покрај промовирањето на книгата ќе се актуелизира и остварувањето на правата на лицата со попреченост, како и значењето на нивната улога и придонес во политичкиот и во севкупниот општествен живот.

-Според мене станува збор за вредно издание кое го заслужува вниманието на јавноста и во која е обработена специфична тема која за жал кај нас не е третирана со оној интензитет и обем кој го заслужува. Во книгата Богоевски се осврнува на историјатот, но и на актуелните состојби на лицата со попреченост за на крајот да се задржи на нашиот политички систем и интегрирање на лицата со попреченост во органите за одлучување. Тоа треба да биде меѓу приоритетите на секое демократско општество.

Според него креирањето амбиент во кој лицата со попреченост ќе ги имаат сите права претпоставува и нивно партиципирање во политичкиот живот и во процесите на одлучување.

Премиерот Ковачевски посочи дека во оваа книга е преточен трудот на Теоодор од неговата магистерска теза.

-Сакам да ја споделам радоста од веста дека тој од неодамна се стекна и со научно звање магистер по уставно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ и тоа со највисок просек 10,00. Тео е пример за тоа како треба да изгледа еден студент и на кој начин треба да ја гради својата академска кариера. Неговиот личен неверојатен успех и покрај најтешкиот степен на телесна попреченост е несекојдневен пример и мотивација за секого, а се надевам ќе мотивира повеќе лица со попреченост да се вклучат во високото образование и воопшто во сите степени на образование, рече Ковачевски.

Тој повика на вложување напори и преземање чекори за поголемо активно вклучување на лицата со попреченост во процесите од нивен интерес, затоа што, како што рече, тие имаат уникатна способност да ги лоцираат системски бариери.

-Како Влада креиравме низа политики и мерки со цел исполнување на нашите заложби и посветеност кон општествена кохезија, почитување на различностите, обезбедување еднаквост и еднакви можности, социјална правда и вклученост на сите чинители во носењето одлуки кои ги засегаат нив. Наскоро очекувам и усвојување на Националната стратегија за правата на лицата со попреченост за период 2023-2030 која во наредниот период би требало да биде разгледана на владина седница, нагласи Ковачевски.

Теодор, како што додаде, е советник за лица со попреченост во Владата и помага во креирањето на политики за подобрување на животот на лицата со попреченост.

Авторот на книгата Богоевски нагласи дека досега од 31 година независност ние немаме ниту едно избрано или именувано лице со попреченост ниту во Парламентот, Советот на Град, општина, ниту каде било.

-Лицата со попреченост се надвор од процесите на одлучување, надвор од институциите било по вертикала или хоризонтала. Јас затоа бев мотивиран да го создадам овој магистерски труд со желба да го најдам најефикаснот механизам преку кој лицата со попреченост ќе можат да бидат вклучени во процесите на одлучување. Затоа што тие се најкомпетентни да ги лоцираат системските недостатоци со цел да се интегрираат и да ги носат политиките кои се од нивни интерес. Сите ние сме потенцијални лица со попреченост. Колку повеќе општеството е пристапно, толку е поголем квалитетот на животот и толку полесно лицата со попреченост ќе се прилагодат на новите состојби, рече Богоевски.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK