Општина Штип и ЈП „Стипион“ се вклучуваат во хуманитарна акција за зонско паркирање. Ова значи дека парите од наплатата на 131 паркинг места на неколку локации во централното градско подрачје ќе одат за хуманитарни цели и ќе се плаќаат 30 денари првиот и секој нареден час.
Сања Судиклиева-Мијалкова, вработена во Општина Штип на денешната седница на Советот на Општина Штип образложи дека на овие паркинг места нема да важат повластени картички.
-Зоната Х опфаќа 131 паркинг место, на улица „Васил Главинов“ од мостот кај црквата до мостот кај гимназијата 13 места, улица„ Васил Главинов“ наспротив ОУ „Ванчо Прќе“ – 14 места. Платформата кај Трговскиот центат, платформата кај Здравниот дом по 48 места, кај Аргачот три паркинг места“, вели Судиклиева-Мијалкова.
Ова на седница на Советот денеска ги крена на нозе советниците од Власта и опозицијата. За едни неприфатливо покачување на цените на паркинг услугата, за други пак начин да се реши проблемот со паркирањето во градот и истовремено хуманитарно да се делува. Дваесет проценти од средствта од зонското хуманитарно паркирање во центарот на градот ќе бидат наменети за хуманитарни акции, а они кои донираат се граѓаните кои во иднина ќе се паркираат на обележаните паркинг места.