Почнаа градежни активности за минихидроцентралата Мала Река кај Кочани, граѓанските здруженија реагираат за користењето на локалниот пат

gradezni aktivnosti
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Градежна механизација и работници ги почнаа подготвителните работи за изградба на мини хидроцентралата Мала Река кај браната Гратче кај Кочани. Активностите се однесуваат на пробивање пристапен земјен пат до локацијата на која треба да се гради објект за електромашинскиот дел на хидроцентралата и за поставување на цевководот.

Според одговорните лица во фирмата изведувач, градежните работи треба да завршат до крајот на оваа година и според планираната динамика тој рок ќе биде испочитуван.


Почетокот на градежните активности ги алармираше граѓанските еколошки здруженија од Кочани, кои на прес-конференција исталнаа дека неколку години се спротивставуваат на какви било интервенции во околината на браната Гратче. Минатата година поднеле и барање до Основното јавно обвинителство за преиспитување на документација што му е издадена на инвеститорот, но тоа оценило дека нема законски пречки за реализација на проектот.

-Ние и понатаму остануваме на нашиот став дека не треба да се гради мини хидроцентрала на Мала Река, затоа што со тоа ќе се деградира шумскиот појас и ќе се уништат минималните водни ресурси. Очигледно е дека институциите се прават глуви и слепи за сите апели од граѓаните, со оправдување дека е веќе доцна тоа да се спречи, затоа што биле издадени потребните дозволи од сите државни и локални институции. Никој не кажува зошто и како се издадени тие документи и зошто се дозволува да се користи асфалтниот пат до браната за приватни градежни активности, иако имаше забрана за негово користење за превоз на тешката градежна механизација. Сега ни кажуваат дека ќе се плаќала казнена отштета ако не му се дозволи на инвеститорот да гради, иако не постои цена што треба да се плати, а што е поскапа од здравјето на граѓаните и заштитата на животната средина, истакна Зоран Тодоров од граѓанскиот одбор „За здрав живот во Кочани“.

Од надлежните инспекциски служби во Општина Кочани потврдија дека е направен увид во сите дозволи за мини хидроцентралата кај Мала Река и нема никакви правни и други пречли да се одлижуваат или забранат градежните работи. Во согласност со тоа, ќе биде издадена и дозвола за привремено користење на локалниот пат, а Локалната самоуправа, во рамки на законските прописи, ќе бара надомест за оштетувањето и санирањето на коловозот и другата инфраструктура.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK