Продолжува кампањата „Засади желба“ на трите пензиски друштва „Сава пензиско друштво“, КБ Прво пензиско друштво и Триглав пензиско друштво. По двете кампањи што ги спроведоа под истото мото, овој пат фокусот ќе биде на одржливата иднина, односно на активното вклучување на младите во градењето навики и решенија за одржлива иднина.
Главната цел на кампањата, како што беше посочено на денешната прес-конференција, е пред сѐ подигнување на свесноста за реформираниот пензиски систем, преку симболиката на садењето дрвја и времето што е потребно да се види и ужива резултатот од тој влог.
– Едукацијата во раните години е најважниот аспект од инвестицијата во процесот на градење поубава иднина на долг рок, но и мотивација за активна грижа за животната средина. Освен до младата популација, целта на оваа кампања е да го вклучи членството во сите проекти, како начин да се создаде едуцирана заедница која свесно постапува и активно придонесува за подобро утре, за себе и за сѐ што нѐ опкружува. Покрај членството, секако, конечната цел е инспирирање на активно учество на пошироката јавност, бидејќи со секој индивидуален позитивен пример целото наше општество е чекор поблизу до поубава иднина кон која се стремиме сите, истакнаа претставниците на пензиските друштва.
Сава пензиско друштво а.д. Скопје, КБ Прво пензиско друштво а.д. Скопје и Триглав пензиско друштво а.д. Скопје веќе осум години реализираат кампањи за едукација и информирање на населението за придобивките од членувањето во задолжителниот и доброволниот пензиски фонд, а со „Засади желба“ дадоа поинаков пристап кон грижата за сопствената иднина од финансиски, но и од еколошки аспект.
Покрај едукативните активности, изминатите две години младите имаа можност да учествуваат во создавањето на Пензиски паркови во дворот на еден факултет и осум средни училишта низ државата, како и да дадат свое дизајн решение на Пензиски парк со површина од 5.000 квадратни метри.
За оваа година, пензиските друштва најавија нови пензиски паркови, а дополнително следат активности поврзани со рециклирањето, како и организација на првиот „Еко-тон“ – еко хакатон на кој ќе се пријавуваат млади претприемачи со свои идеи за проекти за одржлив развој.