Во организација на Амбасадата на Грција во Скопје, со поддршка на компанијата Energy Delivery Solutions (EDS) и под надзор на грчкиот уметник, Танасис Кацарас, во четвртокот и во петокот во Скопје се одржаа работилници за вазното сликарство од 5иот век п.н.е. во Атина, на кои присуствуваа ученици од јавните средни училишта „Лазар Личеноски“, „Орце Николов“ и „Јосип Броз Тито“, како и студенти од Факултетот за ликовни уметности на Универзитетот „Кирил и Методиј“.
Како што денеска соопштија од Амбасадата на Грција во Скопје, семинарите траеле три часа и опфатиле кратка презентација на грчкото вазно сликарство, настава за техниката на вазното сликарство и практична обука, каде што учениците и студентите имале можност да го насликаат својот Лекитос.
– Лекитос бил вид на сад во античка Атина, во кој се чувале парфеми. Други садови кои имале иста употреба во архајското и класичното време биле Алабастер и Арибал. Илјадници Лекитос со црни или црвени фигрури на бела позадина се наоѓаат во музеите ширум светот и претставуваат некои од нивните најубави експонати, се појаснува во денешното соопштение од Амбасадата на Грција во Скопје.