Бугарскиот претседател Румен Радев и го додели првиот проучувачки мандат за формирање влада на кандидатката за премиер на ГЕРБ-СДС, Марија Габриел, јави БТА.
-Треба да сфатите дека на овој пат Ве очекуваат многу пречки, но јас ќе ве чекам следниот понеделник со составот на Министерскиот совет. Денеска и утре, гледам, се одлучувачки денови за Вас, и кажал Радев на Габриел и притоа и посакал успех.
Според Уставот, Габриел има рок од седум дена да го предложи составот на новиот Совет на министри. Доколку не успее, претседателот потоа мандатот му го доделува на кандидат за премиер именуван од втората по големина пратеничка група („Промените продолжуват – Демократска Бугарија“).
-Планирам да предложам да продолжат разговорите за формирање на едногодишна експертска влада врз основа на приоритетите, изјави вчера Габриел.
Кандидатката на ГЕРБ-СДС претходно денеска имаше средби со претставници на „БСП за Бугарија“, ДПС и „Има таков народ“.
БТА јавува дека БСП не дала конечен одговор дали ќе поддржат кабинет со мандат на ГЕРБ и посочиле дека ќе побараат став од членовите на партијата. Од ДПС изјавиле дека профилот на кабинетот треба да изгледа европски и имаат експерти во речиси сите области. ИТН, пак, посочиле дека тие нема да поддржат нов буџет за непромислено трошење што ќе биде на товар на Бугарите и затоа нема да поддржат ниту ваков тип на влада.